Loading Video...
Свет
7. July 2025 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Студентите во блокада најавија за денеска нови блокади низ Белград во утринските часови, а до доцна синоќа – веќе седми ден – блокади имаше низ Белград, Ниш, Ужице, Заечар, Нови Сад, Нови Пазар, Чачак… Блокадите на протестите во градовите низ Србија почнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по протестите на Видовден во Белград на 28 јуни. Според првичните информации има слаб одзив за блокадите.

Со протести и граѓанска непослушност, студентите и граѓаните кои ги поддржуваат, бараат ослободување на сите оние кои, како што тврдат, биле нелегално уапсени на 28 јуни за време на протестот на Видовден, како и распишување вонредни избори и отстранување на шаторите во близина на Собранието и распуштање на собирот во Пионирски парк, што е веднаш спроти Собранието на Србија.

Смртниот биланс од поплавите во Тексас се искачи на 82 лица, меѓу кои и 28 деца

Летниот камп „Кемп Мистик“, христијански камп за девојчиња со речиси едновековна традиција, е меѓу најтешко погодените од поплавите. Според Лејта, сè уште се трага по 10 девојчиња и еден вработен од кампот.

Разорните поплави во Тексас започнаа во петокот со силно невреме и пороен дожд. Ридскиот предел во централниот дел на Тексас е природно склон на поплави поради сувите предели, покриени со нечистотија каде што дождот не се впива во почвата туку тече по површината, создавајќи буици. Изобилните дождови што течеа по ридовите и се влејаа во реката Гвадалупе, предизвикаа нејзино покачување од осум метри за само 45 минути.

Властите во Тексас се под удар на критики затоа што не ги предупредиле жителите и младинските летни кампови покрај реката да се евакуираат навреме.

Службениците на округот Кер се правдаат дека поднеле предлог за подобар систем за предупредување од поплави, сличен на системите за предупредување од торнадо, но имало забелешки граѓаните поради високата цена.

Сите страни во конфликтот во Украина мора да го продлабочат дијалогот за да најдат мирно решение и да воспостават траен мир, изјави бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва на отворањето на самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро. Тој апелираше до меѓународната заедница „да не остане рамнодушна кон геноцидот што го врши Израел во Газа“.

Лула да Силва нагласи дека самитот на БРИКС се одржува во време на „најлошото глобално сценарио“. Тој ја повика групата БРИКС да промовира мир и да посредува во конфликтите.

На самитот на БРИКС прв пат не присуствува кинескиот претседател Си Џинпинг, а рускиот претседател Владимир Путин учествува преку видеоконференциска врска. На состанокот во Рио де Жанеиро не присуствуваат и претседателите на Иран Масуд Пезешкијан и на Египет Абдел Фатах ал-Сиси.