Македонија
8. July 2025 - 12:18

Во Штип се рушат дивоградби за да се гради Булевар

Општина Штип започна со уривање на објектите на проектираната траса на булеварот „Партизанска“ кои ја стопираа неговата изградба. Со двата објекти стопанисувала подружницата на ЈП за стамбен и деловен простор, но со текот на годините биле доградувани од страна на станарите без соодветна документација и со субстандардни услови за живот.

- Како што минувале годините овие два објекти биле надоградувани, нормално, нелегално, со помошни објекти, така што повеќе од 10 семејства беа сместени во неколку објекти, делумно импровизирани и надоградени, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Локалната самоуправа се договори со семејствата да бидат сместени во типските куќи во населбата Света Недела, чија изградба е при крај.

- Поголем процент од станарите се сместија кај нивни роднини, затоа што типските куќи во меѓувреме интензивно се работат и во прашање се денови кога истите ќе бидат ставени во функција. Еден мал дел се сместени во приватен објект кој ние го мониторираме, додаде Јорданов

Булеварот „Партизанска“ е со должина од 1 километар. На местото каде се рушат диговградбите ќе има кружен тек, со 20 метарски крст, кој е донација. Веднаш до булеварот се гради и мега парк со површина од 70 000 метри квадратни.