Македонија
8. July 2025 - 16:38

Во Македонија лани изгореле 95.181 хектари шума - 3,7% од вкупната територија на државата

3,7% од вкупната територија на Македонија лани изгореа во пожари. Според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари ЕФИС, минатата година биле евидентирани 131 пожар во кои изгореле рекордни 95.181 хектар.

Овие бројки Македонија ја искачија на врвот со најголеми штети од шумски пожари во регионот. Во земјава лани изгорела повеќе шума отколку во Албанија и Босна и Херцеговина заедно.

Ако ја гледаме домашната статистика, пак, во 2024-та опожарена е површина со размер колку претходните 10 години заедно.

Најголем дел од погодените површини се пасишта со трева и ниска вегетација, а одреден дел и шума.

Активиран беше и европскиот механизам за цивилна заштита. Распоредени беа десет воздушни противпожарни тимови од шест земји од Европската Унија.

Годинава сме поподготвени од лани, уверија надлежните. Во моментов Македонија на располагање има еден ертрактор. Вториот и третиот се на сервис од кои еден треба да се врати деновиве. По два полициски и армиски хеликоптери, 38 пренаменети возила како дел од новата интервентна пожарна, над 60 цистерни без пумпи, 45 цистерни и 50 теренски возила за пренос на вода и над 800 професионални пожарникари.

Дополнително може да се пријават 400 невработени лица. За борбата со пламените јазици, државата им нуди надомест од 24.000 денари месечно. За да ги исполнат условите треба да се физички подготвени и да поминат кратка обука.