Македонија
13. July 2025 - 9:37

Сиљановска-Давкова на отворањето на „Охридско лето“: Во фестивалот се вткаени цели епохи на музичката, драмската и ликовната уметност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го отвори годинешното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во своето обраќање, таа ја истакна вредноста на уметноста како сила што му дава смисла на човечкото постоење.

Во време на глобални и лични страдања, уметноста е таа што нè потсетува на убавината и добрината, влевајќи ни надеж за иднината.

Според неа, Охрид како древно духовно и културно жариште, низ вековите бил извор на поетска и уметничка инспирација, од Миладинов и Порадеци, до современите уметници кои го продолжуваат светлиот пат.

Фестивалот, како крстосница на македонската и на европската култура, продолжува да биде мост на културна дипломатија меѓу народите, овозможувајќи ни по 65-ти пат да се обидеме да ги премостуваме бариерите и да градиме поправеден и похуман свет.

На свеченото отворање на фестивалот, којшто традиционално се одржува под покровителство на претседателот, присуствуваше албанскиот претседател Бајрам Бегај. „Охридско лето“ беше отворено со настап на американската пијанистка Клер Хуангчи, диригентот Едвин Аутвотер од САД и оркестарот на Македонската филхармонија.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван претседател Бајрам Бегај,

Почитуван премиер Христијан Мицкоски,

Почитувани министри,

Почитуван градоначалник Кирил Пецаков,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Сакани охриѓани, врвни уметнички учители, талентирани и посветени ученици, вљубеници во уметноста и во културата, почитувани гости, 

Верувам дека нашиот чуден, а напати и бизарен свет, обременет со стравови, конфликти и неправди, има насушна потреба од духовност, убавина, светлина, копнеж и надеж! Сепак, соочени со небиднината, мислам дека вреди, инспирирани од Ниче, да побараме спас во музиката и играта, докажувајќи дека животот не е грешка и дека вреди да се живее тука и сега, без лоши мисли и намери, со отворено срце и ослободен ум. Недалеку од тука, во црквата Св. „Софија“, големиот француски поет Жан Пјер Симеон рече дека уметноста ѝ „дава смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет“.

Вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку е безвременска. За тоа зборува и митот на архетипниот уметник Орфеј кој слезе во адот да ја спаси саканата Евридика. Додека тој свиреше и пееше со својот милозвучен глас, целиот подземен свет слушаше.

На бреговите на древното и сѐ уште прекрасно езеро, под ѕвездениот свод и под Самуиловите кули, течеле тегобни и среќни времиња, се нижеле милениуми и векови, се менувале царства, ропства, окупации и ослободувања, се граделе и осветувале цркви, манастири, школи и куќи, се пишувале азбуки и книги, се сликале фрески и икони со божја помош, се пееле молитви, но и свадбарски песни, се бодрела верата, се челичел умот, се негувала љубовта, се изразувала страста...

Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите... Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.

Во фестивалските ноќи, кога уморното сонце ќе зажари и исчезне, а уметноста ќе запее и заигра со универзумот, кога охриѓани ќе ги прифатат славните, но и обичните новодојденци како блиски пријатели, кога градот ќе стане светска уметничка република, чии сезонски жители се жедни и желни за уметност, секој знае и чувствува дека се случува „Охридско лето" во кое учествуваат врвни културни творци и дејци.

Охрид се отвора како волшебна школка и од него излегува највредниот бисер - уметноста!

Шеесет и пет години „Охридско лето" е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар! Шеесет и пет години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот! Секоја нота, секој стих и мисла, секој глас и чекор се слеваат во охридската летна симфонија! Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни, духовни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето" израснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Охрид е еден, Охрид е Охрид! Не постои уметничко лето како охридското! Не постои фестивал како охридскиот!

Да ги отвориме срцата, да ѝ дозволиме на уметноста да нѐ зароби и да нѐ преобрази, да и се препуштиме на новата фестивалска идила. Го прогласувам јубилејното 65-то издание на „Охридско лето" за отворено!

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова