Loading Video...
Свет
18. July 2025 - 12:12

Преглед на вестите од светот

Неколку експлозии се слушнаа над северна Газа во раните утрински часови во петок. Експлозиите се случија откако Катар, Египет и САД им презентираа на Израел и палестинската исламистичка милитантна група Хамас ажуриран предлог за прекин на огнот во Газа, објави Аксиос во четврток повикувајќи се на извори. Преговарачите на Израел и Хамас учествуваат во најновата рунда разговори за прекин на огнот во Доха од 6 јули, дискутирајќи за предлогот поддржан од САД за 60-дневен прекин на огнот.

Американскиот претседател Доналд Трамп му се јавил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со израелскиот напад врз единствената католичка црква во Газа, соопшти денес Белата куќа. Нетанјаху му рекол на Трамп дека нападот врз црквата во Газа бил израелска грешка, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери. Во нападот загинаа три лица, а неколку други беа повредени.

Москва „не попушта пред заканите“, соопшти руското Министерство за надворешни работи денеска, откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде на Русија 50 дена да постигне прекин на огнот во Украина и ѝ се закани со санкции. Трамп во понеделникот го објави својот најцврст став досега за војната во Украина, поставувајќи ултиматум до Москва и ветувајќи нови испораки на ракети и друго оружје за Киев.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека одлуката на Трамп да ја снабдува Украина со нови ракети е сигнал за Киев да „продолжи со крвопролевањето“ и да ги отфрли мировните иницијативи. Захарова додаде дека смета дека е контрапродуктивно да се „мерат во милиметри“ несовпаѓањата во позициите на Белата куќа.

Пет години по Брегзит, Германија и Обединетото Кралство воспоставија нова основа за нивните односи со сеопфатен договор за пријателство, јави ДПА. Германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер го потпишаа договорот од 27 страници, придружен со акционен план од 17 точки, на церемонија во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон.
Мерц, кој е во прва посета на Обединетото Кралство откако стапи на функцијата во мај, го опиша настанот како „историски ден за германско-британските односи“.

Австрискиот пионер во екстремните спортови Феликс Баумгартнер, познат по рекордниот скок со падобран од работ на вселената во 2012 година, почина во четврток во несреќа со параглајдинг во централна Италија, соопшти локалната полиција.

Баумгартнер ја изгуби контролата врз својот моторизиран параглајдер додека леташе над Порто Сант'Елпидио во централниот италијански регион Марке и падна на земја во близина на базенот на хотел. Причините за несреќата се нејасни. Тој имаше 56 години.