Македонија
27. July 2025 - 16:39

Муцунски на состанок за мир во Истанбул – стратешка цел на Западен Балкан е полноправно членство во ЕУ

Потребна е поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, порачал министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на состанокот на министри од Западен Балкан во Истанбул. Македонија и останите земји од регионот делат ист стратешки интерес - полноправно членство во ЕУ, затоа Брисел мора почне да испорачува резултати, а не само ветувања, вели Муцунски за Сител по состанокот во Истанбул. Оцени дека ваквите иницијативи носат бенефит за регионот.

Муцунски пред колегите министри укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите.

Турскиот министер Фидан кој е домаќин на состанокот порачал дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.

- Нагласивме дека наш приоритет е да изградиме основа за трајна стабилност и просперитет на целиот Балкан. Делиме заедничка историја и таа имаше убави и болни моменти. Треба да преземеме одговорност да ги научиме лекциите од нашата заедничка историја и заедно да избереме пат за иднината. Не смееме да ја оставиме иднината на случајноста, ниту на туѓата волја, рече тој.

Ова е во прв состанок на Балканската платформа за мир ораганизиран од турскиот минстер. Оценувајќи ја како позитивна, учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи со состаноци два пати годишно.