Ѓорѓиевски: Платите треба да растат колку и продуктивноста
Платите треба да растат заедно со продуктивноста, оценува потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски. Според него, минималецот од 500 евра како што бара ССМ, ќе создаде голем товар врз фирмите, бидеќи тоа зголемување ќе повлече и корекција на сите останати плати.
„Минималната плата прави притисок на сите останати плати во дадена компанија. Ако имате вие компанија со 10, 20, 50 вработени не значи дека само на лицата што имаат минимална плата само таа вредност ќе ја зголемите. Тоа значи дека ако има 10 со минимална плата, а вкупно во компанијата се 60 или 100 со други плати, тоа значи дека и останатите 100 вработени ќе треба да добијат соодветно зголемување на платата“ - Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССКМ
Ѓорѓиевски вели дека приватните фирми не можат да бидат споредувани со државната администрација. Тој предлага да се воведе систем што ќе мери колку кој работи, па така точно ќе се знае и колкава плата заслужува.
„Треба систем за мерливост на продуктивноста и во државната администрација за да ги посочиме оние групи кои не создаваат реална вредност, а да земаат плата. Доколку тоа се елинимира, тие вишок на средства што ќе останат можат дополнително како финансии да се прелеат кон оние што вистински работат. Не може на десетици, стотици илјади вработени да се доделува плата, а ништо да не работат затоа што едноставно нема“ - Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССКМ
Во моментов минималната плата изнесува 24.400 денари. За оваа сума во Македонија работат околу 35 илјади вработени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар