Преглед на вестите од светот
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, денеска ќе отпатуваат во Појасот Газа за да ја проверат испораката на помош во храна, објави Белата куќа. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека Виткоф работи на конечен план за забрзување на испораката на помош во Појасот Газа.
Левит истакна дека американскиот двоец ќе ги провери моменталните места за дистрибуција на храна и да се сретнат со локалните жители за „од прва рака да ја слушнат тешката ситуација на терен“.
Инаку Виткоф во текот на вчерашниот ден имаше и средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, средбата се одржа за време на голем притисок врз Израел при што се поголем е бројот а држави кои се изјаснуваат за признавање на Палестина.
Хуманитарна помош во текот на вчерашниот ден се исфрлаше со авион над Газа, каде што глобалниот мониторинг за глад предупреди дека се шири глад. Како што се потрошија залихите, ситуацијата ескалираше во јуни и јули, а Светската здравствена организација предупреди за масовно гладување, а сликите од ослабени деца го шокираа светот.
Израел вели дека нема цел да ја изгладни Газа. Најави чекори за да дозволи повеќе помош, вклучително и паузирање на борбите на некои локации, испуштање храна од воздух и нудење побезбедни рути.
Американскиот претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека сака договор за завршување на војната на Русија во Украина до 8 август, изјавија САД пред Советот за безбедност на Обединетите нации во четврток.
„И Русија и Украина мора да преговараат за прекин на огнот и траен мир. Време е да се постигне договор. Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека ова мора да се направи до 8 август. САД се подготвени да спроведат дополнителни мерки за да се обезбеди мир“, изјави високиот американски дипломат Џон Кели пред 15-члениот совет.
Киев и Москва одржаа три рунди разговори во Истанбул оваа година кои резултираа со размена на затвореници и тела, но без пробив за смирување на конфликтот.
Во текот на вчерашното попладне руска бомба погоди станбен блок во Краматорск при што загина најмалку едно лице, а 11 се повредени. Постои опасност за повеќе жртви под урнатините пренесуваат локалните медиуми. Премиерката на Украина, Јулија Свириденко, изјави дека руските напади врз Украина се одговор на рускиот претседател Владимир Путин на рокот што го постави Трамп.
Пожарникарите постигнуваат значителен напредок кон стабилизирање на шумскиот пожар во планинска област Арука во Португалија, соопштија службите за итни случаи. Три големи шумски пожари во Португалија - Арука, Понте да Барка и Пенамакор - досега изгореа 14.000 хектари, вклучувајќи 6.000 хектари само во Арука.
Петстотини и педесет пожарникари сè уште работат во Арука, а над 500 во Понте да Барка.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар