Македонија
6. August 2025 - 16:44

МНР без предлог за амбасадор во Атина, во моментов 24 амбасадорски места се празни

МНР се уште нема предлог за позицијата амбасадор во Атина. Откако во јавноста излегоа имињата на можни кандидати, извори на Сител од МНР потврдуваат дека во моментов официјално нема предлог, иако се размислува за конкретни имиња.

Засега, три имиња за амбасадори во Шведска, Данска и Албанија добиле зелено светло на владина седница да заминат на дипломатска мисија. Според дипломатски извори, Ивица Боцевски, кој беше македонски амбасадор во Бразил, заминува на позицијата во Шведска, екс пратеникот Фадил Зендели, заминува во Данска, а Веле Трпевски во Албанија.

Иако се споделуваше информација дека пополнето е место за амбасадор во Саудиска Арабија, таков предлог се уште не поминал на влада.

Во моментов, 24 амбасдорски места низ светот се празни.

-За четири од нив веќе е во тек постапка за назначување, со што оваа бројка ќе се намали на 20. Паралелно, се водат разговори помеѓу Министерството за надворешни работи, Владата и Претседателот на државата, со цел да се дефинира поголема група шефови на ДКП, кои треба да ги пополнат испразнетите позиции, велат од Министерството.

На 17-ти минатиот месец, во матичната собраниска комисија за надворешни работи, прифатени беа програмите на Игор Николов за вонреден и ополномоштен амбасадор на Македонија во Франција. Указот веќе е потпишан и од претседателката Силјановска и Николов од први септември стапува на функцијата. Парламентот даде зелено светло и за Драган Ѓурчески, кој заминува на амбасадорската позиција во Хрватска.