Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на почетокот од следната недела, објави синоќа „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на два неименувани извора. Потоа, Трамп треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а за тоа биле информирани европските лидери кои учествувале во телефонскиот разговор меѓу Трамп и Зеленски.
Трамп претходно објави дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф постигнал голем напредок во преговори со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Тој изјави дека ги информирал одредени европски сојузници за резултатите од разговорите меѓу Виткоф и Путин во Москва и дека се согласува со сите дека војната во Украина мора да заврши.
„Мораме да работиме на тоа во наредните денови и недели“, рече Трамп.
На фронтот засилени се борбените акции. Русија објави дека нејзините сили извршиле напади врз повеќе украински цели, вклучувајќи системи за пренос на природен гас, додека Украина во објави дека погодила руски цели, вклучувајќи командни пунктови и артилериски системи.
Се наведува дека руските системи за воздушна одбрана пресретнале и собориле 51 украински беспилотни летала, а се случиле 143 судири во областите на фронтот. Имало украински напади и во близина на нуклеарната централа Запорожје соопшти прес службата на окупираната од Русија нуклеарка.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на средба во Вашингтон, се согласи со министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, дека Србија и САД ќе одржат билатерален стратешки дијалог подоцна оваа година со цел зајакнување на економските и безбедносните односи, соопшти Стејт департментот.
Се наведува дека се разговарало и за важноста од деескалација на тензиите на Западен Балкан, првенствено во Косово и Босна и Херцеговина, како и за тоа како да се подобри регионалната стабилност и да се подготви теренот за економски раст и напредок.
Стотици пожарникари се вклучени во гаснење на пожарот што брзо се шири на југот на Франција. Една жена загина, а девет лица се повредени во пожарот што зафати голема површина од ридовите Корбиер. Пожарот, со големина на Париз во текот на едно попладне и ноќ, се уште е активен, и го прави втор најголем пожар во Франција во изминатите 50 години.
Францускиот премиер Франсоа Бајру, кој ја посети областа, го опиша пожарот како „катастрофа од невидени размери“.
Пожарот, уништи 16.000 хектари, а избувна во селото Рибо во регионот Од, ширејќи се низ руралната, шумска област Корбиер, позната по своите лозја и средновековни села.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар