Loading Video...
Македонија
8. August 2025 - 16:47

Нов топлотен бран во Македонија до средина на идната недела

По краткото разладување нов топлотен бран ја зафати Македонија. Од денеска до средината на идната недела температурите ќе се движат околу 40-тиот степен. Поради промената на времето деновиве матичните лекари имаат зголемен број на колабирани граѓани и пациенти со варијации на крвниот притисок.

- Имаме пациенти со крвен притисок кој е многу поголем од нормалниот и покрај употребата на редовна терапија, но имаме и спротивна состојба со драстичен пад на крвниот притисок. Сето тоа се должи на промената на временските услови, бидејќи пред 2,3 дена имавме температури од 20 степени, од утре повторно ќе имаме 37,38 степени и со тоа доаѓа до самостеснување и ширење на крвните садови и до тие варијации на крвниот притисок, изјави  д-р сци. Драган Ѓорѓиевски – претседател на Здружението на лекари по општа медицина- семејна медицина.

Доктор Ѓорѓиевски апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки наредните денови за време на топлотниот бран за да не дојде до влошување на нивното здравје.

- Апелирам до гледачите да не излегуваат од своите домови од 11-18 часот освен ако немаат итна и неодложна потреба, Да користат заштитна опрема капа и очила. Да пијат многу вода 3-4 литри дневно и многу е битно редовно да ја земаат својата терапија, бидејќи наредните денови очекуваме да се зголеми и бројот на пациенти со срцеви и мозочни удари, изјави д-р Ѓорѓиевски.

Покрај пациенти кои имаат проблеми со притисокот, матичните периодов евидентираат и лица со стомачни тегоби, но за разлика од лани летото нивниот број бил помал.