Хронично болни и онколошки пациенти меѓу вработените во Флораком кои два месеца немаат плата и здравство
Наташа Алексовска работи во Флораком повеќе од 30 години. Иако речиси цел живот му го посветила на истото работно место, денес е приморана на пеколни температури да протестира бидејќи ги нема земено последните две плати. Останала и без здравствено осигурување, па поради тоа вели дека не може да ја земе терапијата која и е неопходна.
„Две недели не можам да ја примам терапијата. Имам автоимуно заболување кое бара редовни контроли на крвна слика, инаку не може воопшто да се пушти терапија. Тоа е терапија која е базирана на цитостатски таблети. Таблетите не смеам да ги примам додека не се видат параметрите. Доколку не ја примам терапијата јас останувам прикована на столица, кревет итн. Доколку ја примам терапијата ми се подобрува состојбата. Имам 57 години. Уште 4-5 години имам до пензија. Многу вложив во фирмата, дадов максимум од себе“, вели Алексовска.
Заедно со своите колеги од Флораком и Луна, фирми основани од Паркови и Зеленило, Алексовска третпат излегува на врелиот асвалт на Илинденска за да протестира.
„Имаме онколошки пациенти кои не можат да примат терапија, да направат контроли. Доколку немаат осигурување треба да платат приватно, а за тоа треба да имаш пари. А ако немаш плата немаш со што да платиш. Имаме луѓе со стентови, кардиолошки болни. Ни се загрозува состојбата. Имаме вработени кои имаат дечиња преку нив осигурани, немаат здравство“, сподели Алексовска.
Флораком е практично производствениот погон на Паркови и Зеленило. Од кај нив доаѓаат расадите кои потоа се садат низ градот.
„Не само јас, и останатите колеги не го заслужуваат ова. Особено, што на 40 степени неуморно работат во стаклениците каде што внатре можеби е 60,70 степени. Тој расад и тие зимзелени садници треба да се полијат, да се исплеват, да се товарат во камиони за да се насадат низ градот“, објаснува Алексовска.
Иако им било ветено дека плата ќе земат заедно со вработените од Паркови и зеленило, тоа не се случи, вели претседателот на СУТКОЗ, Кашиковски.
„Дел од вработените во Флораком и Луна во текот на вчерашниот ден се видоа со раководството на Паркови и зеленило, односно со директорот, меѓутоа за жал решение од страна на директорот не беше кажано“ – изјави Столе Кашиковски, претседател на СУТКОЗ
Тој потсетува дека неодамна Советот на Град Скопје одобри 80 милиони денари субвенции на јавното претпријатие – пари кои се и повеќе од доволни за да се исплатат платите.
Во Флораком и Луна вкупно работат 63 луѓе.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар