Мицкоски е подготвен да плати „политичка цена“ со непопулистички мерки против поскапувањето на храната
Владата е подготвена да преземе „непопуларни, но долгорочни мерки“ против поскапувањето на храната, дури и ако тоа има „политичка цена“. Премиерот Мицкоски вели подобро е ние да ја платиме таа цена на краток рок, отколку граѓаните на долг рок.
„Свесни сме, откако го лоциравме проблемот, дека тоа можеби ќе има и политичка цена и тука немаме никаква дилема, но подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Мицкоски вчера рече дека не сака да се носат популистички мерки, туку трајно решение. Повтори дека се прават детални анализи, а досегашната пракса покажала дека замрзнувањето на маржите само се прелева во другите месеци и потоа цените се балансираат.
Од друга страна, пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Битиќи, вели дека трошоците растат двојно побрзо од платите. Тој ја обвини власта дека се потпира на импровизација и пропаганда.
Според Битќи, наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да намали цени и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, Владата води политички маркетинг.
„Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра“ – изјави Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.
Според податоците од Државна статистика, годишната инфлација се искачи на 4,8%. Од ланскиот до овој јули, храната и безлакохолните пијалоци поскапеле за 6,5%. Најголем раст има кај транспортот, близу 10%.
Во петокот министерот за економија упати „последно предупредување“ до трговците да се однесуваат разумно, а спротивно најави ригозорни мерки.
Инаку по примерот на Македонија, српскиот претседател, Вучиќ, најави дека ќе се ограничат маржите на илјада производи, и со тоа храната и пијалоците во Србија се очекува да поевтинат и до 20 отсто.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар