Свет
12. August 2025 - 20:49

Бела куќа: Трамп и Путин ќе имаат состанок в петок во Енкориџ

Средбата меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе се одржи в петок во Енкориџ, Алјаска, соопшти денеска Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на прес-конференција објави дека в петок наутро, претседателот Трамп ќе отпатува во Енкориџ, Алјаска, на билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Таа навести дека постојат планови Трамп да ја посети Русија во иднина.

-Само една страна што е вклучена во оваа војна ќе биде присутна, па затоа претседателот треба да оди и повторно да стекне поцврсто и подобро разбирање за тоа како, се надеваме, можеме да ја завршиме оваа војна. Ова е вежба за слушање за претседателот. изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Трамп утре ќе учествува во виртуелни разговори за Украина пред средбата со рускиот претседател Владимир Путин в петок, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на официјален претставник на Белата куќа.

Германија вчера соопшти дека за утре свикува серија видеоконференции на највисоко ниво за подготовка на самитот, вклучувајќи една меѓу европските лидери.

 

МИА