Македонија
14. August 2025 - 16:36

Кривична пријава за директорот на Паркови и зеленило оти не им дава плати на вработените во Флораком и Луна

Вработените во Флораком и Луна наместо пари, добиле притисок од директорот на Паркови и Зеленило да не протестираат, вели претседателот на СУТКОЗ, Столе Кашиковски. 60-тина работници се уште ги чекаат последните две плати и денеска повторно излегоа да ја блокираат Илинденска. 

Кашиковски најави дека ќе поднесе кривична пријава против директорот Бучи, бидејќи, како што рече, со неисплаќањето на платите се доведува во прашање нивната здравствена состојба. Меѓу вработените има хронично болни и онколошки пациенти.

„Вработените од овие две фирми ќерки на Паркови и зеленило во текот на вчерашниот ден беа соочени со притисоци од страна на раководството на претпријатието да не излегуваат на протест, односно да не побараат остварување на правото на исплата на плати. Ние како СУТКОЗ, со оглед дека заврши летната ферија на судовите, од понеделник, поради тоа што со неисплатата на платите и здравственото осигрување на вработените во овие две фирми и на нивните семејства им е загрозено здравјето ќе поднесеме кривични пријави и тужби против директорот на ЈП Паркови и зеленило“ – Столе Кашиковски, претседател на СУТКОЗ

Од синдикатот размислуваат и да ги повикаат сите останати јавни претпријатија да прекинат со работа во знак на солидарност.

„Не исклучуваме понатаму блокадите да ги извршиме на Град Скопје и заедно со вработените да излезат и нивните семејства. Доколку не се најде решение во текот на утрешниот ден, односно не им се исплатат платите, вработените и ние како синдикат ќе одлучиме дали ќе ги повикаме и другите претпријатија на штрајк на солидарност. Тоа ни го дозволува законот за јавни претпријатија“  – Столе Кашиковски, претседател на СУТКОЗ

И покрај тоа што немаат плати, вработените и понатаму си ги извршуваат сите обврски, вели Кашиковски. Кога се одржуваат протести, дел од работниците не доаѓаат, туку остануваат да сработат, а по завршување на блокадите и останатите се враќаат на своите работни задачи. 

Сител му испрати неколку прашања на директорот на Паркови и Зеленило, Јетон Бучи: „зошто не се и кога ќе бидат исплатени заостанатите плати и дали се доцни поради финансиски проблеми во претпријатието или поради други причини?“ Одговори не добивме.