Loading Video...
Свет
16. August 2025 - 16:29

Преглед на вестите од светот

Под мотото „Не сме вреќи за удирање“ и синоќа се одржаа протести ширум Србија.

Најтензично беше во Белград каде полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои фрлаа петарди кон полицајците. Граѓаните се собраа околу 20 часот пред зградата на генералштабот, а по 2 часа состојбата ескалираше и дел од нив почнаа да фрлаат пластични шишиња и пиротехника.

Контејнерите за ѓубре беа превртени и запалени. Според српското министерство за внатрешни работи, во вчерашните протести биле повредени 6 полицајци, а 38 лица биле приведени. Низ Србија 10-ти месец секојдневно се блокираат улици. Демонстрациите се предизвикани од падот на настрешницата во Нови Сад кога загинаа 16 лица.

Повеќе од 300 луѓе загинаа во северозападен Пакистан по дводневните интензивни дождови и поплави. Спасувачките екипи работат на расчистување на патиштата и пронаоѓање на исчезнатите. Властите предупредуваат дека обилните дождови ќе продолжат до четврток.

„Беше како крај на светот. Живееме тука од 1972 година, но ништо не се споредува со оваа разорна поплава“ – локален жител

Разорни поплави зафатија и делови од Индија и Непал во изминатата недела.

Шпанија и натаму се бори со пожарите. Гори на повеќе од 14 локации. Пламените јазици се поттикнати од силен ветер и екстремно високи температури. Досега животите ги загубија седум лица, а изгоре површина со големина на Лондон.

Во селото Вилар де Кондес, луѓето стоеја на улиците додека пожарот беснееше во нивна близина. Тие собраа близу 2 тони вода во кофи за да ги користат во случај ветерот да го однесе огнот во нивна насока.

„Опкружени сме со пламен и чад. Луѓето се многу исплашени, многумина ги напуштија своите домови“ – локален жител

Националната метеоролошка агенција на Шпанија предупреди на висок ризик при што се очекува температурите да надминат 40 степени Целзиусови.