Свет
16. August 2025 - 16:34

Средбата Трамп-Путин заврши без договор за прекин на руско-украинската војна

Трамп и Путин не постигнаа договор за прекин на руско-украинската војна. По тричасовниот состанок, двајцата лидери одржаа кратка прес-конференција без да одговараат на прашања од новинарите. Средбата ја оценија како позитивна. Прв говореше Путин. Без да прецизира за што се договориле двете страни, рече дека се надева оти овој состанок ќе биде појдовна точка за решавање на конфликтот.

„Ние отсекогаш сме го сметале и го сметаме украинскиот народ - и ова го кажав повеќе пати - за братски, колку и да звучи чудно во денешни услови. Имаме исти корени и сè што ни се случува е трагедија и голема болка. Затоа, нашата земја е искрено заинтересирана да стави крај на ова“ – Владимир Путин, претседател на Русија

Трамп, пак, сподели дека не постигнале договор за „веројатно најзначајниот“ аспект од нивната средба, но дека има многу добри шанси да се постигне тоа.

„Верувам дека имавме многу продуктивна средба. Имаше многу, навистина многу точки за кои се договоривме – би рекол поголемиот дел од нив. Има уште неколку големи прашања каде што сè уште не сме целосно усогласени, но направивме одреден напредок. Така што, нема договор додека навистина не се постигне договор“ – Доналд Трамп, претседател на САД

Откако завршија со говорите, Путин го покани Трамп на следна средба во Москва.

„Господине претседателе, би сакал многу да ви се заблагодарам и ќе разговарам со вас многу наскоро и веројатно ќе се видиме повторно многу наскоро. Ви благодарам многу, Владимир“ - Доналд Трамп, претседател на САД

„Следниот пат во Москва“ - Владимир Путин, претседател на Русија

„О, тоа е интересно!“ - Доналд Трамп, претседател на САД

Меланија Трамп преку Трамп му пратила писмо на Путин. Во него изразила загриженост за киднапирањето на деца во Украина.

Украинскиот претседател Зеленски во објава на „Икс“ рече дека час и половина телефонски разговарал со Трамп. Откри дека задутре ќе се сретнат во Вашингтон.

„Го поддржуваме предлогот на претседателот Трамп за трилатерален состанок меѓу Украина, САД и Русија. Украина нагласува дека клучните прашања можат да се дискутираат на ниво на лидери, а трилатералниот формат е соодветен за ова. Во понеделник ќе се сретнам со претседателот Трамп во Вашингтон, за да разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната. Благодарен сум за поканата“, напиша Зеленски.

Освен со него, Трамп разговарал и со повеќе европски лидери, како и генералниот секретар на НАТО.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Европскиот совет Антонио Кошта, како и лидерите на Франција, Италија, Германија, Велика Британија, Финска и Полска објавија заедничко соопштение.

„Лидерите ги поздравија напорите на претседателот Трамп да ги запре убиствата во Украина, да стави крај на агресивната војна на Русија и да постигне праведен и траен мир. Јасно е дека Украина мора да добие непоколебливи безбедносни гаранции за ефикасна одбрана на својот суверенитет и територијален интегритет. Одлуките за територијата ќе ги носи Украина. Меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Нашата поддршка за Украина ќе продолжи“, стои меѓудругото во соопштението.

A истовремено, додека траеше средбата меѓу Путин и Трамп, во Алјска се одржаа протести за поддршка на Украина. Демонстрантите не беа изненадени што не е постигнат договор.

„Ова беше губење време и трошење народни пари. Тука во Алјаска ни требаат пари за здравство, за сместување на луѓето. Ни требаат пари за децата и училиштата, а ние трошиме огромна сума за да донесеме двајца осудени криминалци и воен злосторник во Алјаска – за ништо. Ништо.

„Очигледно е дека тие не можеа да постигнат договор без Зеленски да биде присутен. А мислам дека една од причините зошто не беше поканет е затоа што, лично, не чувствувам дека ниту Трамп, ниту Путин навистина сакаат да постигнат договор“

Дел од експертите ја оценија средбата меѓу Трамп и Путин како мировен договор меѓу САД и Русија. Според германскиот политиколог Фишер, Украина била маргинализирана во преговорите.

„Украина не беше во центарот на преговорите. Во фокусот на преговорите беше нов мировен договор меѓу Русија и САД. Тоа беше дури и мотото што го видовме таму – 'Во потрага по мир'. А за Украина, тоа беше многу тажен момент, затоа што на крајот од денот, Украина дури и не беше на маса како можност да добие примирје или прекин на огнот. Ништо не беше ставено на маса“ - Клеменс Фишер

Војната во Украина почна на 24 февруари 2022 година.