Трамп ќе го поддржи планот на Путин за крај на војната, според кој Донбас би бил предаден на Русија?
Трамп ќе го поддржи планот на Путин за крај на војната, според кој Донбас би бил предаден на Русија, објави „Њујорк Тајмс“.
Според планот, Русија ќе се откаже од помали делови кои ги окупирала, а Киев ќе отстапи големи делови од истокот што Москва не успеа да ги освои.
Руската понуда е Украина целосно да се повлече од Доњецк и Луганск, а за возврат, Русија би се согласила да ги замрзне фронтовските линии во јужните региони Херсон и Запорожје.
Киев претходно отфрли каква било идеја за повлекување од Доњецк.
Извори за Ројтерс велат дека Москва би била спремна да врати релативно мали делови од територијата што ја држи во северен Суми и североисточен Харков - вкупно околу 440 квадратни километри. За споредба, Украина контролира околу 6.600 квадратни километри од Донбас, кој се состои од Донецк и Луганск и кој Русија го смета за своја територија. Москва ќе бара и официјален статус на рускиот јазик во делови или во цела Украина.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп рече дека разговарал со Путин за размена на територија и безбедносни гаранции за Украина и дека „тие во голема мера се согласиле“.
„Мислам дека сме многу блиску до тоа. Украина мора да се согласи. Можеби ќе кажат „не“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Зеленски утре пристигнува во Белата куќа на средба со Трамп. Нема да биде сам. На негова страна ќе застанат повеќе европски лидери.
Украинскиот претседател денеска во Брисел се сретна со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа во објава на „X“ напиша дека ќе му се придружи на Зеленски во Белата куќа на негово барање.
Берлин соопшти дека Мерц, исто така, ќе патува во американската престолнина за да се приклучи на разговорите. Тој е на ставот дека САД се подготвени да бидат дел од безбедносните гаранции за Украина.
„И сега на маса се безбедносни гаранции – со други зборови, прашањето е како да се обезбеди траен мировен договор со Русија. Добрата вест е што Америка е подготвена да учествува во тие безбедносни гаранции и не го остава тоа само на Европјаните. Но се разбира, и Европјаните мора да го направат својот дел за да се обезбеди долгорочна безбедност на Украина – тоа се подразбира, од моја гледна точка. Вклученоста на Американците и нивната подготвеност да учествуваат е добра вест“ – Фридрих Мерц, канцелар на Германија
На списокот со присутни во Вашингтон, се приклучија и Маркон, Мелони и Стармер, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Папата Лео денеска се молеше напорите за прекин на војните да бидат успешни, очигледно алудирајќи на разговорите меѓу Трамп и Путин во Алјаска пред два дена.
„Да се помолиме обидите за завршување на војните и унапредување на мирот да бидат успешни. Нека општото добро на народите секогаш биде на прво место во преговорите“ – папа Лео
Иако средбата Трамп-Путин заврши без конкретен договор, и од двајцата лидери беше оценета како позитивна и појдовна точка за завршување на руско-украинскиот конфликт кој почна во 2022 година.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар