Македонија
19. August 2025 - 16:34

Јавното здравство должи повеќе од 72 милиони евра – од ФЗО велат дека месечно го следат работењето на ЈЗУ

Долговите на јавните здравствени установи надминаа 72 милиони евра. Кварталниот извештај на министерството за финансии заклучно со јуни покажува дека долгот на болниците, клиниките е зголемен за околу 12 милиони евра во однос на првиот квартал. Но, споредено со истиот период односно првите 6 месеци  од минатата година ЈЗУ-ата имаат за 2 милиони денари помалку доспеани, а не платени обврски. Од Фондот за здравство велат дека на месечно ниво ги следат ликвидноста и долговите на здравствените установи.

Според директорот Клековски со годинашното финансирање целта била долгот да остане стабилен и да не надминува повеќе од 10 проценти од вкупниот буџет од 30 милијарди денари бидејќи на макро ниво истиот може да се менаџира.

- Меѓутоа се утврди од мониторингот дека долгот повторно се зголемува, но се зголемува и ликвидноста, значи имаме пари на сметките на ЈЗУ. Сметам дека дел од директорите на ЈЗУ прават калкулации за да остават простор за новите вработувања, кои дел се реализирани, а дел не се и нема да се реализираат до ноември. Тие кои имаат средства на сметките ги потикнавме да ги плаќаат своите обврски, вели Сашо Клековски, директор на ФЗО.

Најголем должник со околу 40 милиони остануваат Заеднички служби за потребите на Клиниките, тело формирано од Владата. Потоа е онкологијасо 11.6 милиони и детската Клиника со 7,5 милиони евра. Според Клековски поголем проблем е кај помалите здравствени установи, бидејќи имаат помал биџет отколку за онкологија која годинава има 50 милиони што се доволно пари за нормално функционирање. 

- Треба да внимаваме да не влеземе во ризик и раздолжувањето да не биде награда за лошо управување со здравствената установа. Ако постаојано ФЗО покрива долгови, на крај тоа може да биде покривање на лошо работење, а не се подржуваат здравствени установи кои добро работат, рече Клековски.

ЈЗУ најмногу пари трошат на плати и придонеси, материјали и комунални услуги.