Македонија
21. August 2025 - 16:40

Жените жртви на семејно насилство не добиваат соодветна заштита од институциите, вели ДЗР

Жените жртви на семејно насилство и натаму не добиваат соодветна заштита од институциите, покажа новиот извештај на Државна ревизија. Иако земјава одамна ја ратификуваше Истанбулската конвенција и донесе пет годишен акциски план со 50-ина активности, ниту половина не биле реализирани. 

„Мерките и активностите кои беа предвидени во националниот акциски план за имплементација на Истабулската конвенција, сите бараат алоцирање на финансиски средства. Нашата држава го имплементираше националниот акциски план со 0 буџетски средства и чекаше од донаторски организации и фондации да обезбедат средства за некои од активностите и затоа имплементацијата и спроведувањето е на толку ниско ниво. Затоа што, кога чекате од некој друг да ви ги даде средствата апсолутно не може да обезбедите 100% имплементираност“ - Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство

Според анализата на центрите за социјална работа, во периодот 2020–2023-та, евидентирани се 6.282 нови жртви на семејно насилство – со благ пораст по години.

Податоците од МВР, пак, за периодот 2018–2023 покажуваат 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои најголемиот дел со телесна повреда. Регистрирани се близу 6 и пол илјади сторители, од кои најголем дел се мажи, додека 80 отсто од жртвите се жени.

„Семејното насилство не е во подем. Бројките се зголемуваат, точно, секоја година затоа што жртвите се охрабруваат да пријават“ - Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство

Центрите за социјална работа имаат недостиг на кадар, велат ревизорите. Дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не биле лиценцирани.

„Бројот и територијалната распределеност на засолништата и советувалиштата не одговара на стандардите утврдени со Конвенцијата, а дел од постојните објекти не ги исполнуваат условите во однос на локација, опрема, простор и кадар, состојба која не овозможува ефикасна заштита на жртвите“, пишува во извештајот.

Според бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, а воспоставени се само 67. Потребни се 19 советувалишта, има само 11. Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно засолниште.

„Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција. Не е спроведена анализа на трошоците за специјализираните сервиси, што онемозможува реално планирање на потребните средства за квалитетна поддршка по корисник“, стои во ревизорскиот извештај.