Тужбата на Шеху против ДИК во понеделник пред Управен суд
Преку Управниот суд интегративците ќе се обидат да го оспорат Упатството на ДИК за бројот на советници во општините. Тужбата на членот на ДИК Дитмире Шеху, која е предлог на ДУИ, ќе биде испратена до Управен во понеделник. Во разговор за Сител таа вели дека ќе ги наведе истите аргументи како и на седницата – дека Упатството е незаконско и спротивно на законите.
Ќе поднесам тужба до Управен суд од понеделник со истите аргументи кои ги образложив на седницата. Упатството е незаконско и не е во согласност ниту со одлуката на Уставен суд, ниту со чл.34 од Законот за локална самоуправа каде е определен и бројот на советници согласно бројот на жители што живеат во соодветната општина.
Шеху бара со консензус да се одлучува дали за локалните избори како жители ќе се бројат и иселениците, што влијае на бројот на советници.
Според поранешниот претседател на ДИК Новаковски, целата постапка околу гласањето на Упатството е донесена согласно надлежностите и постапувала согласно веќе донесени одлуки. Потенцира дека не исклучено пријавата на Шеху да влијае врз изборите, во зависност од одлуката на Управниот суд.
Од ДУИ веќе реагираа дека ваквата одлука на Владата е на штета на Албанците и бараа како жители да се бројат и иселениците, односно нерезидентното население Алијансата на Села пак се заканува дека ќе ја обжалат одлуката на ДИК до Уставниот суд доколку Управниот суд не ја укине.
Одлуката на Државната изборна комисија за намалување на бројот на советници во многу општини е неуставна. Прво го повикуваме Управниот суд позитивно да одговори на жалбата на членот на ДИК и да ја отфрли одлуката донесена денес, која е во отворена спротивност со најновата одлука на Уставниот суд, Изборниот законик и Законот за локална самоуправа. Ја потсетуваме јавноста дека дури и законските измени предложени од сегашното мнозинство, кои имаа за цел намалување на бројот на општински советници, не поминаа во Собранието.
Иако ДУИ обвинува дека одлуката на владата за бројот на советници е само на штета на албанскиот електорат, и во општини со мнозинско македонско население ќе има намалување на бројот на советници.
Според владината одлука од септември лани, соглано резултатите од последниот Попис, 14 општини ќе имаат помалку советници во Советот. Таков е случајот во Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување, од 31 на 23 советници има во Гостивар. Бројот на советници согласно резултатите од пописот во 2021 ќе се зголеми во три општини, односно, Кисела Вода, Карпош и Студеничани.
ДУИ се обиде да го проблемтизира изборниот процес и пред една седмица кога преку гласање со бадинтерово мнозинство, го спречи донесувањето на измените на изборниот законик со кој требаше да се регулира минималниот праг за собирање потписи за независните кандидати.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар