Loading Video...
Свет
10. September 2025 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Воздухопловните сили на Полска употребија оружје против непријателски објекти што влегоа во полскиот воздушен простор, изјавија премиерот Доналд Туск и министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш на социјалните медиуми X. Полска соопшти дека во утрово ја активирала својата и воздушната одбрана на НАТО за да собори беспилотни летала по рускиот воздушен напад врз западна Украина, што е прв пат Варшава да ангажира средства во својот воздушен простор за време на руската инвазија на Украина.

Полскиот аеродром „Шопен“ во Варшава соопшти дека поради активностите на државните служби и војската за обезбедување безбедност, воздушниот простор над дел од Полска, вклучувајќи го и аеродромот, е привремено затворен. Полската воена команда информираше дека воздушен простор постојано беше нарушен од објекти од типот беспилотни летала и ги повика граѓаните да останат дома, наведувајќи ги регионите Подлаские, Мазовјецке и Лублин како најизложени на ризик. Премиер Туск претпладне одржува состанок со министрите одговорни за државната безбедност, а руското министерство за одбрана не одговори.

Членот на политичкото биро на Хамас, Сухеил ал Хинди за катарската телевизија „Ал Џазира“ изјави дека во израелскиот напад во Доха има неколкумина загинати, но дека лидерите на движењето преживеале, вклучително и главниот преговарач Халил ал Хаја.Тој додаде дека во нападот настрадале синот на Хаја и директорот на неговата канцеларија.

Го потврдуваме неуспехот на непријателот да изврши атентат на нашата преговарачка делегација. Нападот е потврда дека (премиерот Бенјамин) Нетанјаху и неговата Влада не сакаат да постигнат никаков мировен договор, се наведува во соопштението на Хамас. САД се соученици во ова злосторство, поради нивната континуирана поддршка на агресијата и злосторствата на окупацијата над нашиот народ, истакнува Хамас.

Израелскиот напад врз претставници на Хамас во Доха претставува „голема непријатност“ за американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Белата куќа.

- Едностраното бомбардирање на Катар, суверена нација и близок сојузник на САД, која вредно, храбро и ризично преговара за мир, не ги унапредува целите на Израел или Америка, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролајн Левит. Таа додаде дека за Трамп, Катар е силен сојузник, пријател на САД и оти на претседателот „му е многу непријатно поради локацијата на нападот“.

Левит посочи дека Катар бил предупреден за денешниот израелски напад во кој загинаа шест луѓе.

Но, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, изјави дека Катар не бил однапред известен за израелскиот напад во Доха.