Loading Video...
Свет
12. September 2025 - 12:28

Преглед на вестите од светот

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) објави фотографии од осомничениот за убиството на влијателниот конзервативен активист Чарли Кирк.

-Бараме помош од јавноста за идентификување на ова лице од интерес во врска со фаталното пукање врз Чарли Кирк на Универзитетот во Јута, објави ФБИ на социјалните мрежи. Претходно, Канцеларијата на ФБИ во Солт Лејк Сити отвори телефонска линија на која граѓаните можат да се јават доколку имаат информации.

Советот за безбедност на Обединети нации го осуди нападот врз Катар и повика на деескалација, без да именува кој го изврши нападот односно не го спомна Израел.

СБ изрази солидарност со Катар, инсистирајќи на неговата „витална улога во напорите за посредување во регионот заедно со Египет и САД“.

Советот за безбедност на ОН нагласи дека враќањето на заложниците, „вклучувајќи ги и оние убиени од Хамас“, и завршување на војната и страдањето во Појасот Газа мора да останат апсолутен приоритет.

Претходно, катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, изјави дека со нападот врз Доха, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „ја убил секоја надеж“ за ослободување на заложниците.

Израел на 9 септември изврши напад врз Доха, при што загинаа шест луѓе. Хамас тврди дека израелскиот напад бил насочен кон нивната преговарачка делегација, додека израелската армија тврди дека мета било раководството на Хамас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал за развој на заедничко производство на оружје со Вашингтон и воведување дополнителни санкции врз Русија за време на состанокот со американскиот претставник Кит Келог во Киев во четврток.

Зеленски и Келог разговараа за начините за постигнување вистински мир и гарантирање на безбедноста на Украина, напиша Зеленски за нивниот состанок на апликацијата за пораки Телеграм.