Македонија
16. September 2025 - 16:35

Остра реторика и обвинувања меѓу партиите пред стартот на изборната трка

Потегот на Левица да извади свои кандидати во општините Тетово, Гостивар и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле Западна Македонија е само гума за спасување но за ДУИ , вели премиерот Мицкоски. Според него, целта на коалицијата помеѓу Левица и ДУИ за локалните избори е раслојување на антидуи гласовите во тие општини.

Левица пак возвраќа дека поврзувањатта со ДУИ се крајно смешни,  договори со интегративците никогаш немале. Обвинуваат дека ВМРО ДПМНЕ ги штити кандидатите на ВРЕДИ, а тие пак не прават никакви отстапки во своите намери, затоа и излегле со свој кандидат за градоначалник на Скопје. 

Од патетични флоскули за „горда Македонија“, паднавте до ниво да напаѓате партија која единствена има храброст да понуди сопствени кандидати во општини каде што вие и СДСМ кукавички се повлековте и одлучивте да ги поддржите ВРЕДИ и ДУИ. Вие, кои од петни жили ги браните кандидатите на ВРЕДИ, немате никакво морално право да ѝ држите лекции на Левица. Се спуштивте на ниво вашиот помал коалиционен партнер да не ви прави никакви отстапки - па така, на пример, во Град Скопје извади свој кандидат за градоначалник без да ве праша.

По кавгата меѓу ВМРО ДПМНЕ и Левица реагираат и од ДУИ. Обвинуваат дека целта на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена, а Мицкоски сака да биде тој кој одлучува за и во име на Албанците.

Иако сите ветија дека ќе водат позитивна кампања, на две недели до официјалниот старт на кампањата на 29-ти септември, се заоструваат меѓусебните обвинувања и лични дикредитации на политичките чинители кои влегуваат во изборната трка.