Македонија
25. September 2025 - 16:36

10-тина жители на Трубарево испратени на дополнителни испитувања на Клиниката за пулмологија

Од 111 прегледани жители на Трубарево после големиот пожар,  вчера 11-мина се испратени на дополнителни испитувања на пулмологија. Лекарите од Клиниката кои го вршат скринингот кај нив забележале поотежнато дишење, стегање и свирежи во градите.

- Значи тоа се пациенти кои претходно имале хронична респираторна болест астма или ХОББ, дел од нив се пушачи и не ги земале редовно претходно пропишаните лекови, така да нив ги упативме итно на Клиниката за пулмологија да се процени нивната состојба и да се ревидира нивната терапија, односно да им се направат дополнителни иследувања, изјави д-р Сеад Зејнел од Клиниката за пулмологија.

Скринингот опфаќа клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет, информираа од министерството за здравство.

И денеска имаше голем интерес од жители на Трубарево за превентивен пулмолошки преглед. Повеќето беа повозрасни граѓани кои живеат во непосредна близина на изгореното складиште.

После пожарот луѓето од оваа населено место најмногу се жалат на лошата миризба.

- Поголемиот дел од пациентите освен печење на носот, очите, грлото, помалку стегање во градите, тоа се оние симптоми со кои ќе се соочат после пожарот во складиштето за електронски отпад. Така да тие поминуваат со општи препораки, рече д-р Сеад Зејнел, од Клиниката за пулмологија.

Скринигот за населението во Трубарево се спроведува два дена вчера и денеска на два пункта од страна на тимови од пулмологија. Од министерството за здравство информираа дека сите службени лица (пожарникари, полицајци, припадници на ДСЗ) кои биле вклучени во справување со пожарот, доколку имаат потешкотии со здравјето да се јават директно на Клиниката.