Loading Video...
Свет
22. January 2026 - 16:29

Трамп го формираше Одборот за мир, со нејасни цели и контроверзен состав

Доналд Трамп го искористи Светскиот економски форум во Давос за да ја промовира својата нова визија за меѓународната дипломатија преку формирањето на Одборот за мир. 19 од 50 поканети држави се приклучија на одброот, меѓу кои Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Турција, Унгарија, Аргентина, Израел, Белорисија, Бугарија и Косово. 

Иницијативата првично беше насочена кон надгледување на прекинот на огнот во Газа. Подоцна, проектот беше проширен како глобален механизам за решавање вооружени судири, кој многу аналитичари го толкуваат како конкуренција на ОН. 

- Мислам дека можеме да се прошириме на други работи како што ќе успееме со Газа. Ќе бидеме многу успешни во Газа. Ќе биде одлично нешто за гледање, и можеме да правиме и други работи. Можеме да правиме бројни други работи. Откако овој одбор ќе биде целосно формиран, можеме да правиме скоро што сакаме, и ќе го правиме тоа заедно со Обединетите нации, знаете? Секогаш велев дека Обединетите нации имаат огромен потенцијал, но не го искористиле.

Земји кои, барем засега, нема да се приклучат се Франција, Норвешка, Словенија и Шведска. Меѓу оние кои се уште не се изјасниле се ОК, Кина, Русија, Германија, Индија, Италија, ЕУ, Хрватска и Украина. Македонија не се најде на  листата од 50 избрани земји од Трамп. Членството е ограничено на тригодишен мандат, освен ако земјата не уплати една милијарда американски долари, со што би стекнала постојано членство. Предвидено е дел од парите да се искористат за обнова на Газа.

Доналд Трамп, изјави дека неговиот едночасовен состанок со Володимир Зеленски утрово во Давос бил „многу добар“, но не откри детали.

- Имав многу добар состанок со претседателот Зеленски. Сите сакаат војната да заврши. 

Оптимистичка изјава дека мировниот договор помеѓу Украина и Русија ќе биде склучен набрзо стигна и од американските преговарачи Стив Виктов и Џаред Кушнер, кои се во Москва на средба со Путин.  

Портпаролот на Кремљ одби да ја коментира изјавата на Виктоф, но истакна дека Русија ги цени дипломатските напори на САД за завршуавње на војната.

- Не би сакале да коментираме за моменталната фаза од преговорите, особено во периодот пред пристигнувањето на Виткоф во Москва и неговата средба со Путин. Она што може јасно да се каже е дека рускиот претседател ги цени мировните напори на претседателот Трамп и неговиот тим, вклучително и специјалниот пратеник Виткоф. Ние ги цениме овие напори, ги поздравуваме и резултатите што ги дадоа.