Македонија
26. January 2026 - 16:33

Обвинителките Ленче Ристовска и Анита Тополова-Исајловска поднесоа кандидатури за републички јавен обвинител

Сегашната в.д државна јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска и обвинителката Ленче Ристовска ги доставиле своите кандидатури денеска за републички јавен обвинител, дознава Сител.

Обвинителката Ристовска во телефонски разговор и потврди дека ја доставила потребната документација до Собранието за позицијата. Двете обвинителки се приклучуваат кон останатите тројца кандидати, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски како и обвинителката од скопското обвинителство Лидија Раичевиќ во трката за шеф на републичкото јавно обвинителство. 

До полноќ имаат рок да се пријават и другите кои ги исполнуваат условите, односно да бидат обвинители или судии кривичари со најмалку 10 годишно работно искуство. 

Претходно како можни кандидати се споменуваа и имињата на обвинителите Златко Биковски и Јован Цветановски, кои пред два дена за Сител кажаа дека се уште размислуваат дали да се пријават на огласот. Интерес има и кај други обвинители од вишото и републичкото обвинителство. 

На местото на Љупчо Коцевски кој си поднесе неотповиклива оставка, дојде обвинителката Анита Тополова Исајловска како в.д државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци. 

Откако беше распишан оглас, процедурата за избор на нов државен обвинител започнува со доставување на кандидатурите до Собранието најдоцна до полноќ, потоа секој од кандидатите ќе биде оценет од Советот на јавни обвинители кој целосниот список ќе го достави до Владата. Владата е таа што ќе одбере едно име од кандидатите и ќе го достави до Собранието на гласање. Со 61 глас од пратениците, ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.