Македонија
29. January 2026 - 13:59

РКЕ: Во постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци

Во постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, информира Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и додава дека на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании.

-РКЕ и претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти посочениот случај кој е споделен во јавноста од страна на Финансиската полиција. РКЕ ја информира јавноста дека во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци, се вели во ставот од РКЕ за денешното соопштение на Управата за фнансиска полиција за поведување кривична пријава против Бислимоски.

РКЕ, се додава, нема да коментира детали со цел да остави институциите на системот професионално да си ја вршат работата.

Управата за финансиска полиција денеска соопшти дека поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против М.Б. претседател на РКЕ поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 ст.4 в.в ст.1 од Кривичниот законик.

Во образложението вели дека М.Б. ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со еуродизел БС (Д-Е V), биодизел, еуросупер БС 95, екстра лесно 1 (ЕЛ-1) и течен нафтен гас (ТНГ) на правното лице ТРИТЕРОЛ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско Решение за прекин на постапката.

Со тоа наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година, со што ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки и да оствари вкупен промет во висина од 194.520.962,00 денари и да се стекне со противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари.

 

МИА

Ново на Сител