Македонија
1. February 2026 - 16:56

Сејф сити системот почна да функционира, нови толеранции за возачите

Од денеска, сообраќајот влегува под постојан надзор. Стартува Сејф сити, системот на МВР кој преку мрежа на камери треба да придонесе за заштита на човечки животи и намалување на жртвите во сообраќајот. Камерите се поставени на најкритичните сообраќајни точки, таму каде што прекршоците се најчести, а последиците најтешки.

Новиот праг на толеранција за возачите ќе биде зголемен до 15% над дозволената брзина. Целта е учесниците во сообраќајот да се навикнат на новиот систем, вели премиерот Мицкоски. За возачите кои се движат со брзина до 50 километри на час, камерите ќе толерираат дополнителни 6 километри на час пред да се казни возачот. Онаму каде што дозволената брзина е од 50 до 100 километри на час, толеранцијата е 9 километри на час, додека на патиштата со дозволена брзина од 100 километри на час, казната ќе стигне дури ако се вози со 113 километри на час или повеќе.

Во првата фаза на Сејф сити ќе се казнуваат само четири прекршоци. 

Возачите ќе мора да се прилагодат на новите правила доколку не сакаат да плаќаат казни кои се движат од 15 до 500 евра, како и да се соочат со мерки како забрана за управување возило или одземање на возачка дозвола. Иако постои одредена толеранција при мерењето на брзината, камерите ќе реагираат при јасно пречекорување на дозволената брзина, како и при непрописно паркирање, управување нерегистрирано возило или минување на црвено светло.

Граѓаните кои ги анкетиравме го поддржуваат стартот на системот. Сметаат дека ќе придонесе за побезбедни улици. 

Со оглед на стотиците илјади прекршоци во тест периодот, МВР им нуди опција на возачите кои сториле посериозен прекршок, кој предвидува забрана за возење, да ја платат казната по пола цена и да ја скратат забраната за возење, доколку тоа го сторат во рок од осум дена. На пример, ако прекршокот предвидува одземање на возачка три месеци, со прифаќање на оваа опција забраната ќе трае само 45 дена, а паричната казна ќе биде преполовена.

Утре МВР треба да ги соопшти првичните резултати од Сејф сити системот од првото деноноќие откако почна да фнкционира.