Мицкоски: Украденото мора да му се врати на народот

Денеска ги поставуваме темелите за систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединците. Јасна е нашата заложба за борба против корупцијата и криминалот, но борбата мора да заврши со конфискација на нелегално стекнат имот, бидејќи криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да му се врати на народот, рече премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот.
Ова тело, рече премиерот, не е формалност, туку јасна и недвосмислена порака дека државата конечно цврсто, систематски и бескомпромисно стои против криминалот и корупцијата.
- Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментов се обработуваат повеќе од педесет случаи за висока корупција. Случаи кои со години беа прикривани, одложувани или игнорирани. Но, ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање на нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и во институциите. Сакам да кажам гласно и јасно: нема селективна правда, нема заштитени, нема недопирливи, истакна Мицкоски.
Но, како што нагласи, за таа борба да биде успешна, потребно е зајакнување на судството и обвинителството, институционално, кадровски и функционално, бидејќи, „само силно, независно и професионално судство и обвинителство можат да ја изнесат оваа борба до крај и да обезбедат правдата да не биде бавна, ниту селективна, туку ефикасна и правична“.
- Јас сум за засилени мерки во борбата против корупцијата, но борбата не завршува со кривични постапки. Борбата мора да заврши со конфискација на нелегално стекнат имот, бидејќи криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да му се врати на народот. Токму затоа ги воспоставуваме овие механизми и токму затоа денеска го конституираме овој Совет. Конфискацијата на нелегално стекнат имот и имотна корист не е едноставен чекор. Тоа е повеќедимензионален и посложен процес што опфаќа повеќе фази, меѓусебно поврзани и условени, во кои се вклучени повеќе институции со јасно дефинирани надлежности и одговорности, вели македонскиот премиер.
Според него, следејќи ги фазите на постапката за враќање на имотот, Стратегијата за периодот 2025 - 2028 година јасно дефинира три приоритетни области за дејствување.
- Прво, пронаоѓање, идентификување и следење на нелегално стекнат имот и имотна корист, не само во земјата, туку и надвор од неа, преку меѓународна соработка и современи механизми за финансиска истрага. Второ, привремено обезбедување и конфискација на имот и имотна корист, брзо, ефикасно и во согласност со законот, без простор за манипулации, одолговлекувања или злоупотреба. И трето, ефикасно управување со конфискуваниот и одземен имот, вклучително и негова повторна употреба за социјални цели, бидејќи конфискуваниот криминален имот мора да добие нова општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните, вели Мицкоски.
Овој Совет, под водство на потпретседателот на Владата задолжен за политиките за добро владеење, потенцира тој, има клучна улога во координацијата, надзорот и стратешкото насочување на сите овие процеси.
- Од вас очекувам професионалност, храброст и интегритет, но пред се резултатите се на прво место. Денеска ги поставуваме темелите за систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединците. Ова е борба за правна држава, ова е битка за доверба. Ова е борба за достоинството на граѓаните и ние нема да се откажеме од таа борба, вели премиерот Мицкоски.
Потпретседателот на Владата задолжен за политиките за добро владеење Арбен Фетаи вели дека оваа конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот претставува пресвртница во третманот на борбата против организираниот криминал и корупцијата.
- Овој совет не е создаден за да додаде само уште една структура, туку да воспостави политички правец и да се определи меѓуинституционална соработка, таму каде спроведувањето беше фрагментирано. Формирањето на овој Совет во септември 2025 година и денешната седница претставуваат директен одговор кон една јасна институционална определба - нормативниот процес секако постои, но потребни се конкретни, силни резултати, нешто што бара силна координација и постојан политички надзор, рече Фетаи.
Според него, Националната стратегија за зајакнување на капацитетот за спроведување финансиски истраги и конфискација на имот 2025 - 2028 година и Акцискиот план од 2025 - 2026 година нуди јасна рамка и е во согласност со европските стандарди.
- Темелите се поставени, но следната фаза налага политичка волја, повеќе инвестиции и токму заради овие причини се основа овој совет. Неговата улога не е да ги замени оперативните институции, туку да обезбеди тие институции да дејствуваат во таа насока со јасно дефинирани цели и со мерлива одговорност. Овој Национален совет има многу важна улога и одговорност да обезбеди силна политичка поддршка и отчет. Нашата улога не е оперативна улога во овој Совет, туку претставува политичка улога, каде што треба да дефинираме јасно приоритети, да ги отстраниме системските пречки и да обезбедиме финансиски ресурси да ги следат политиките и редовно да бараме резултати, рече Фетаи.
Како вицепремиер и претседавач со овој Совет, Фетаи го смета за клучен форум за премин од, како што рече, институционална какофонија кон задолжително дејствување меѓу институциите.
МИА
Ново на Сител
-

Аудито на Мерко од 67.000 евра оди на надавање, почетна цена 10.000 евра
-

Во јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, приведени 74 лица за безобѕирно управување на возило
-

Одбраната на обвинетите службеници за „Пулс“ тврди дека Обвинителството е контрадикторно и бара преиспитување на обвинението
-

Мицкоски: Украденото мора да му се врати на народот
-

Зголемен водостојот на Дојранското и Охридското Езеро
-

Најголемата ноќ во музиката, Греми 2026
-

Приведен 22 годишен битолчанец, управувал возило со 139 километри на час на место каде брзината е ограничена 60
-

Белингам надвор од терените околу еден месец
