Чебрен и Галиште може да се дадат на приватни инвеститори, но водите да останат наши
Приватни инвеститори да ги градат ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“, но водните капацитети да останат во државна сопственост. Ова е најреалната опција за конечно да се реализираат двата капитални енергетски проекти, сметаат експертите. Според нив, идеално би било државата самостојно или преку јавно-приватно партнерство да ги изгради хидроцентралите, но инвестицијата од над една милијарда евра би значела ново задолжување и ризик по исплатливоста.
Дебатата ја отвори министерката за енергетика Сања Божиновска, која откри дека интерес покажале една француска и една јапонска компанија. Одлука за моделот на изградба се очекува во наредните два месеца, бидејќи, како што рече, проектот е преголем товар за државниот буџет.
Опозициската СДСМ ја оцени изјавата како признание за лошата состојба на буџетот.
-Оваа изјава на Божиновска е уште еден доказ – фалат две милијарди евра. Владата вели дека нема пари за ништо, освен за криминални тендери. Тие течат без пречки, велат од партијата.
Од Енергетика, пак, велат дека изјавата на Божиновска не се однесува на општата состојба на буџетот, туку дека енергетскиот проект не смее да значи запирање на проекти во здравството, образованието и инфраструктурата.
- „Министерката јасно и одговорно посочи: ние јавно кажуваме што е финансиски можно, а што би било неодговорно и ризично за државата. Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам – разлика што СДСМ очигледно мора да ја научи“, реплицираа од кабинетот на Божиновска.
Чебрен и Галиште веќе со децении се најкоментираните енергетски проекти, но никако да дојде до нивна реализација. Последно беа споменати при потпишувањето на стратешкиот договор со Велика Британија. Претходно, пак, Владата на СДСМ и ДУИ во 2023 година распиша јавен повик, кој го доби грчка фирма, но огласот пропадна по реакциите на експертите дека искористувањето од хидроцентралата на Црна Река ќе биде целосно кај приватниот партнер. Огласи се распишуваа и во 2011 година, но безуспешно.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
