Македонија
23. February 2026 - 16:37

МНР препорачува да не се патува во Мексико по убиството на наркобосот Ел Менчо

Министерството за надворешни работи ги повика македонските граѓани кои се наоѓаат во Мексико да ја напуштат државата поради влошената безбедносна состојба.

Од МНР препорачуваат одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.

„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво во Вашингтон +1 (202) 758-7798 или на е-поштата washington@mfa.gov.mk “, соопштија од МНР.

Насилствата во Мексико ескалираа по акцијата на безбедносните сили во која беше убиен еден од најмоќните нарко босови во земјата. Станува збор за поранешниот полицаец Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо, кој подоцна станал водач на картелот Картел Халиско Нова генерација. Тој починал откако бил тешко ранет во судирите меѓу неговите поддржувачи и војската, во операција спроведена со разузнавачка поддршка од САД.

Во акцијата во градот Тапалпа биле убиени уште четворица припадници на картелот, а тројца војници биле ранети, соопшти мексиканското министерство за одбрана. Како одмазда, вооружени групи блокираа патишта со запалени возила и отворија оган во повеќе сојузни држави, меѓу кои и Халиско. 

Во Халсико е прогласена вонредна состојба – јавниот превоз е запрен, училиштата се затворени, а безбедносните сили патролираат низ улиците. Туристите во одморалиштето Пуерто Ваљарта ја опишуваат ситуацијата како воена зона.

Стејт департментот претходно имаше распишано награда од 15 милиони долари за информација што ќе доведе до апсење на Ел Менчо, кој беше обвинет за шверц на големи количини кокаин, метамфетамин и фентанил во САД.

- Доживеавме критични часови во кои беа решавани инциденти во различни делови од државата и главниот град. Координацијата меѓу различните агенции на сите нивоа на власта беше клучна. Главната цел во текот на овој ден беше да се заштити безбедноста на граѓаните. Затоа, рано изутринава, од овој безбедносен состанок, кој е во постојана сесија, го активиравме Код Црвено, кој и понатаму останува на сила.