Младите во Радовиш ослободени од комуналии
Младите во Радовиш до 35 години ќе можат да го градат својот прв дом без да плаќаат комуналии. Со новата одлука што ја донесе Советот на општината, сите млади радовишани кои планираат изградба, доградба или надградба на куќа ќе бидат целосно ослободени од надоместокот за уредување на градежно земјиште.
Максималната површина на објектот што ќе може да биде опфатен со мерката е 120 метри квадратни. Со оглед дека надоместокот во општината изнесува околу 30 евра по метар квадратен, заштедата може да достигне и до 3.600 евра
Градоначалникот на Радовиш, Љупче Почивалец, истакнува дека со оваа одлука не се поддржуваат само младите, туку се поттикнува и локалната економија, особено градежниот сектор и трговијата со градежни материјали и опрема за домување.
Право на користење на оваа поволност ќе имаат млади лица кои немаат имот за домување на свое име.
Според најавите од општината, мерката нема временско ограничување и е планирано да продолжува и во наредните години, со цел создавање долгорочни услови младите да останат и својата иднина да ја градат во Радовиш.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
