Нова војна меѓу Израел и Хезболах: Во израелски напади врз Бејрут загинаа 31 лице, луѓето масовно бегаат од градот

Израел утринава изврши силни воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои се под контрола на Хезболах, откако групата поддржана од Иран лансираше ракети и беспилотни летала кон Израел. Нападот на Хезболах дојде како одмазда за атентатот врз врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, пишува „Гардијан“.
Жителите на Бејрут беа разбудени во 3 часот утрово од десетици експлозии додека Израел гаѓаше три различни локации во јужните предградија на главниот град. Детонациите ги тресеа прозорците низ градот и се слушаа на километри.
Во ноќешните израелски напади врз Либан загинаа 31 лице, а 149 се ранети, објавија француските медиуми, повикувајќи се на податоци од либанското Министерство.
Истовремено, жителите на јужен Либан пријавија прелетувања на воени авиони и фрлање бомби во напади во поширока област од југот на земјата, за време на кои беа урнати згради во селата во близина на градот Тир.
Хезболах соопшти дека околу полноќ лансирал бараж од ракети и беспилотни летала врз објектот за противракетна одбрана Мишмар ал-Кармел во близина на Хаифа. Оттаму изјавија дека тоа е „одмазда“ за убиството на Хамнеи и дека дејствуваат „во одбрана на Либан и неговиот народ“.
Израелскиот одговор следеше само неколку часа подоцна. Армијата објави дека ги гаѓала целите на Хезболах низ целиот јужен Либан, во долината Бека и во предградието Дахие во Бејрут. ИДФ потврди дека неколку високи офицери на Хезболах се убиени во нападите врз Дахие.
„Хезболах вечерва започна кампања против Израел и сноси целосна одговорност за каква било ескалација. Секој непријател што ја загрозува нашата безбедност ќе плати висока цена“, рече началникот на израелската армија, генерал-потполковник Ејал Замир, во соопштение за медиумите.
Израелската армија издаде наредби за евакуација за 55 села и градови низ Либан, повикувајќи ги жителите да останат најмалку 1.000 метри од тие области бидејќи се во близина на „оперативци и објекти на Хезболах“.
ИДФ вчера објави мобилизација на 100.000 резервисти, од кои многу се распоредени по границата со Либан.
По нападот, реки од луѓе почнаа да бегаат од Дахие, со автомобили и пеш. Редови од возила се формираа пред бензинските пумпи во јужниот град Тир, додека жителите се упатуваа кон север. Автопатите што водат од Дахие до центарот на Бејрут беа преполни со скутери и автомобили што се движеа преку урнатините од нападот. На југ, луѓето возеа во двата правци на автопатот за да избегнат сообраќајни метежи.
Снимките од теренот ги покажуваат покривите на зградите во Дахие во пламен и изгорените остатоци од автомобили под урнатините. Сведоците што се евакуираа изјавија дека виделе ракети испукани од јужен Либан кон Израел, што изгледаше како продолжение на нападите на Хезболах.
Настаните ги вратија спомените на 13-месечната војна меѓу Израел и Хезболах што заврши во 2024 година. Брзо се проширија стравувањата дека Дахие, долината Бека и големи делови од југот повторно би можеле да станат ненаселени, како што беше случајот тогаш. Во таа војна, Израел ги бомбардираше тие области секој ден, убивајќи речиси 4.000 луѓе и раселувајќи милион од нив.
Либанската влада експресно ја осуди одлуката на Хезболах да го бомбардира Израел без консултација со државата. Без директно да ја именува милитантната група, либанскиот премиер Наваф Салам рече дека „нема да дозволи земјата да биде вовлечена во нови авантури“.
„Ракетирањето од јужен Либан е неодговорен и сомнителен чин што ја загрозува безбедноста на Либан и му дава на Израел изговор да продолжи со својата агресија“, напиша Салам во објава на социјалната мрежа X.
Либанските власти во недели наназад се бореа да го спречат Хезболах да се вклучи во каква било потенцијална војна со Иран, додека Израел им испраќаше пораки на своите либански колеги дека секој напад ќе предизвика широк одговор против целата земја.
Ново на Сител
-

Жената која си го одзеде животот заедно со нејзината ќерка со години пријавувала семејно насилство, вели нејзиниот брат
-

Се разгледува можноста за евакуација на македонските граѓани од ОАЕ копнено преку Оман
-

Бела куќа: Операцијата против Иран има јасни цели
-

Димитриевски: Недозволиво е Груби да биде во куќен притвор
-

Андоновски на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори - MWC26 во Барселона
-

Реакција од ГАК по објавите во медиумите за смртта на родилката
-

Украина разгледува нова локација за преговори со Москва
-

Трамп најавува силен удар врз Иран, не исклучува испраќање копнени сили
