Македонија
2. March 2026 - 12:21

Калиманци полна, стартува наводнителната сезона во Кочанско

Со максимално исполнета акумулација Калиманци и целосно ставена во функција каналска инфраструктура, оваа година официјално стартува наводнителната сезона во Кочанската Котлина.

По повеќе од десет години пауза, со ангажман на специјализирана механизација темелно е исчистен главниот наводнителен канал во селото Спанчево, со што се овозможува непречен и стабилен доток на вода до обработливите земјоделски површини. Од Водостопанство информираат дека годинава главниот фокус ќе биде ставен на внимателно и рационално управување со расположливите водни ресурси.

- Сега императив ни е да ја завршиме сезоната со една третина повеќе вода од минатата сезона. Годинава нема да има непотребно испуштање на водата. Во пресрет на климатските промени и хидрологијата, не знаеме каква ќе биде, затоа да ја чуваме таа акумулирана вода во акумулацијата“, изјави Филип Филиповски, директор на АД „Водостопанство“ на Македонија.

Последната интервенција за чистење на овој наводнителен канал со должина од 11 км била реализирана во 2011 година. Надлежните институции апелираат до жителите од локалната заедница да покажат повисоко ниво на одговорност и да се воздржат од фрлање отпад и градежен шут во каналот, со цел да не се повтори негативната практика од изминатиот период.

- Имаме идеја, во соработка со Водостопанство и со мислења од Министерството за земјоделство, да пристапиме кон изградба на кеј. Со ова, овој потег кој претставуваше сериозен проблем за време на поројните дождови, сега да претставува една убава слика, а не проблем“, изјави Јорданчо Костадинов, градоначалникот на Чешиново-Облешево.

Од Водостопанство дополнително посочуваат дека обилните врнежи во изминатиот период придонеле за целосно исполнување на акумулацијата Калиманци, што создава поволни предуслови за навремено отпочнување на сезоната за наводнување. Испуштањето на водата ќе се врши плански и координирано, согласно реалните потреби на земјоделците и видот на земјоделските култури кои ќе се одгледуваат во текот на сезоната.