Сè повеќе семејно насилство во Македонија
Смртта на Ивана и Катја не се изолирани случаи. Во само два месеци од годинава, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство регистрира четири изгубени животи како последица на родово базирано насилство и семејно насилство.
А податоците на МВР покажуваат континуиран раст на насилство врз најблиските дома. За 10% е зголемен бројот на кривични дела кои МВР ги класифицира како семејно насилство за само една година. Енормен раст има кај делот на поплаки кои пораснале за 29%. Ако ги анализираме податоците за цела декада, насилството е зголемено за 20,46%, довека бројот на поплаки за 44,61 проценти.
Најголемиот дел од жртвите, очекувано, се жени, над 80%.
Но податоците од Јавното обвинителство покажуваат и друга слика. Секоја четврта кривична пријава која МВР ќе ја достави, се отфрла веднаш. Според извештаите на Обвинителството, најчести причини се недостаток на докази, повлекување на изјавата од страна на жртвата, или поради тоа што делото не е кривично што се гони по службена должност.
Од пријавите кои се процесиураат висок е степенот на осудителни пресуди од страна на судот. Во просек 85% од пријавите завршуваат со пресуда. Меѓутоа, Јавното обвинителствово годишните извештаи нотира дека најголем дел од овие пресуди се условни осуди, а помал дел се ефективни казни затвор.
По вакви бројки, се поставува прашањето, зошто во континуитет расте семејното насилство и што државата може да направи?
-Да ги казни. Вие имате држава кадешто сторите на насилство знаат дека нема да бидат казнети. Дека најлошото нешто што може да им се случи е условна казна. Ние скоро па да немаме сторители, зборувам за други форми на насилство, не зборувам за убиства и обиди за убиства, како најтешка форма на родово базирано насилство. За другите форми на насилство, телесни повреди, тешки телесни повреди, демнење, загрозување на сигурност, имате условни осуди, по трипати. Чекаме трипати тој трипати да изврши насилство. Имаме случаи кадешто има прва, па друга, па трета условна осуда, вели Елена од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Културата на неказнивост, како еден од главните фактори за растот на семејното насилство го посочува и професорката Татјана Стојановска. Но таа вели раст се бележи на сите девијации во општеството, не само семејното насилство.
-Девијантното однесување испливува на површина кога вие имате аномично општество. Општество кадешто не функционираат институциите, кадешто имате дерегулација на општествените норми и правила, кадешто имате морална криза и морална ерозија. Тогаш ни се појавува зголемен процент на девијациите, вели професорката Стојановска.
Мрежата против насилство врз жените бара целосна и транспарентна истрага за вчерашниот случај, суспензија на сите службени лица вклучени во постапувањето, утврдување индивидуална одговорност кај службените лица кои не постапиле согласно законските обврски. Оттаму велат, законите кои ги имаме се добри, но потребна е акција.
-Она што недостасува и секогаш недостасува е имплементацијата. Не може да има имплементација, ако немаме алоцирани финансиски средства затоа што имплементацијата на законот значи воспоставување на сервизи, зашто имплементацијата на законот значи процена на ризик, вели Елена.
„Кучињата лаат, караванот си врви“ е една од поговрките која најдобро го опишува проблемот со семејното насилство. Институциите речиси без исклучок се вклучуваат само откако ќе се случат трагедии како оваа или последната во Велес со двојното убиство и самоубиство.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
