Македонија
4. March 2026 - 14:13

Мицкоски до Реџепи: Канабис економската политика на претходната Влада што ја поддржувавте е минато

Оваа Влада се обидува да најде начин да го задржи достоинството на македонските граѓани и да го придвижи евроинтеграцискиот процес напред, а за разлика од претходната влада, која водеше канабис економска политика, ги расчистува работите, десетици тони канабис веќе се запленети и се чекаат судските процеси - порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашања од независниот пратеник Скендер Реџепи. 

- Ќе му дадам одговор на пратеникот на двете теми што ги почна како пиар-трик за растурање пердуви, а тоа е дека Владата го блокирала евроинтегративниот пат и оти сме биле како европска Колумбија. Тоа не е точно. Сакам уште еднаш да го демантирам пред целата македонска јавност. Евроинтегративниот пат го блокира владата што вие ја поддржувавте во минатото, која го суспендира овој парламент, без да го праша, а презеде обврски што не можеше да ги испорача знаејќи дека за промена на Уставот потребни се две третини. И наместо да ги праша пратениците во овој парламент, вашите колеги, тоа не го направи и сега сме таму каде што сме. Оваа Влада се обидува да најде начин да го задржи достоинството на македонските граѓани и да го придвижи евроинтегративниот процес напред - рече Мицкоски на седницата за опозициски пратенички прашања. 

Премиерот оцени, пратеникот Реџепи честопати кога излегува на собраниската говорница се обидува да добие поени на националистички теми, но резултатите на локалните избори дале одговори дека таа политика не му се исплати.

Во однос на тврдењата од Реџепи дека државава е како европска Колумбија  Мицкоски оцени дека „канабис економска политика водела претходната Влада, која што ја поддржувал пратеникот“ и изрази надеж дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори во државава.

- Канабис-економијата е од претходната Влада која што ја поддржувавме вие и со која сте во коалиција. Ние, напротив, се трудиме да расчистиме и десетици тони канабис веќе се запленети, се наоѓаат депонирани и се чекаат судските процеси. Повеќе од 20 лиценци веќе се одземени. Канабис економската политика која ја водеше претходната Влада, а која што вие ја поддржувавте е минато и се надевам дека никогаш повеќе во Македонија нема да се повтори, рече Мицкоски. 

Тој му порача на Реџепи дека му е погрешна тезата дека „некого мрази“, за што изнесе неколку примери со активностите што ги презема Владата,  како што е изградбата на автопатите на Коридор 8, постапката за автопатот Скопје - Блаце, финансиската поддршка за сите општини. 

-  Оваа Влада засилено го работи Коридорот 8, односно автопатите (што ги гради) Бехтел и Енка, а го започнавме од нула, бидејќи претходната влада која вие ја поддржувавте ја интересираше само да ја добие авансната уплата на парите. И претпоставувам дека од таа авансна уплата дел од  парите завршуваат некаде, но тоа органите во судовите и во истрагата ќе си докажуваат. Тоа што го прави оваа Влада е да ги решава проблемите и да го гради автопатот и да можат граѓаните да го користат многу скоро од денеска, и ќе продолжиме и понатаму,  наведе  Мицкоски. 

Оваа Влада, дополни,  вложи повеќе од половина милијарда евра во општините на еднаква основа, нешто што, вели, Владата која што вие ја поддржувавте и во која што сте коалиција апсолутно не го направи, вклучувајќи и градоначалници кои се од опозицијата, не само градоначалници кои се од Владата вклучително и градоначалникот на Гостивар, Врапчиште и други. Оваа Влада ја заврши процедурата за автопатот Блаце - Скопје, ја заврши евалуацијата, чекаме одговор од банката, нешто што не го направивте повеќе од 20 години, односно Владата која, како што рече, вие ја поддржувавте и во која сте вие во коалиција.

-Оваа Влада, ќе ви даде одговор и за правосудниот испит, којшто вие не успеавте да го решите како проблем, имајќи предвид дека претходната Влада, на начин којшто нема никаква врска со демократијата, донесе закон којшто во Службен весник е објавен со потпис на заменик генералниот секретар на Парламентот - рече Мицкоски. 

Цитирајќи го членот 5, амандман 7 од Уставот за којшто зборуваше пратеникот, премиерот наведе дека Став 1 пропишува оти - на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а Став 2 - друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти или албанскиот исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член. 

- Подолу од одредениот став се вели -  Во органите на државна власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот може да се користи во согласност со закон. Ако го читате Законот за јазиците, ќе дојдете до заклучок дека  Законот за јазици е Лекс генералис и не може да надсинхронизира Лекс специјалис како што е правосудниот испит.  А вие сте требале кога сте го донеле Законот за јазици да ги хармонизирате сите останати закони, ако сте сакале денес да вадите политички поени и да ги манипулирате студентите кои се и мои студенти и јас навистина сочувствувам со нив.  А ние како Влада бараме начин и ќе го најдеме тој начин, тоа што вие не успеавте повеќе од 20 години, рече Мицкоски. 

 

МИА