Пропусти во предмети на судијата кај кого беа најдени 350 илјади евра
Низа неправилности утврди Судскиот совет во предмети кои ги работел апелациоскиот судија Ѓоко Ристов кај кого соѕидани беа пронајдени 350 илјади евра.
Од проверени девет, во пет предмети се пронајдени пропусти. Необјаснети одложувања, задоцнета објава на пресуди и застарувања констатираше Судски на денешна седница. Советот се сомнева дека судијата Ристов дал придонес во застарување на случајот Спец каса во УБК во кој на затворски казни беа осудени поранешни вработени во управата за злоупотреба на 800 илајди евра.
„Впечатокот е дека судијата известител чија контрола ја правиме не сторил доволно напори за предметот да заврши во разумен рок. Го пречекорил рокот за закажување на расправа и истата не ја закажал во рок од 15 дена, туку поминал период од 145 дена од денот на приемот на предметот до денот на закажаната расправа“, изјави Сузана Јошевска Атанасовска, Член на Судски совет.
Во друг предмет апелацискиот судија овозможил подолг куќен притвор за обвинет кој требало да издржува затворска казна.
„Во конкретниот предмет, двапати се одлага седницата без оправдани причини и му е овозможено на обвинетиот да биде подолго во куќен притвор кој му се засметува во казната затвор“, изјави Антоанета Димовска, Член на Судски совет.
Извештајот предизвика дебата, дел од членовите побараа конкретни постапки, други пак сметаа дека нивна работа е само да утврдат факти за работата на судијата Ристов.
Апелацискиот судија Ристов е под истрага за прикривање имот и перење пари откако во јануари во ѕид во домот на неговите родители, беа пронајдени 350 илјади евра. Му беше одземен судискиот имунитет, заработи и куќен притвор.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
