Македонија
12. March 2026 - 19:03

Ревизија открива: Нема доволно инспектори за надзор во градежништвото

Еден инспектор, кој во меѓувреме исполнил услови за старосна пензија врши надзор на сите згради што се градат во државата. Ова го откри Државната ревизија во извештајот за 2024.

Во одделението за инспекциски надзор во урбанизмот пополнети се само две од осумте места за инспектори, иако Законот предвидел нивно присуство во сите региони во државата.

Дополнително, цели осум години институцијата ја воделе в.д. директори.

- До моментот на вршење на ревизијата, функцијата директор ја обавуваат вршители на должност назначени со решенија од Владата, и тоа за периоди подолги од шест месеци, со што се создава ризик за ефективно раководење. Од извршените инспекциски надзори, ревизијата утврди дека од систематизирани 19 работни места за инспектори, во 2024 година спроведувањето на инспекциски надзор го вршат 5 инспектори: 3 во областа на градежништвото, од кои едно работно место – градежен инспектор – од август 2024 година е ставено во мирување, и 2 во областа на урбанизмот, се вели во извештајот.

Иако Инспекторатот барал вработување на двајца инспектори од областа на урбанизмот, Министерството за финансии не дало согласност.

Ревизија утврдила и несоодветна организација на инспекцискиот надзор во областа на урбанизмот. Освен тоа, недостасувале и шестмесечни извештаи со податоци за постапување по претставки предлози на граѓани.

„Со увид во 17 предмети за извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, кај 6 предмети се утврдени неправилности кои се однесуваат на бесправно изградени објекти. До моментот на вршење на ревизијата, општините постапиле само по 4 предмети, а за еден предмет поради непреземени мерки од страна на овластениот градежен инспектор истиот е доставен до МВР за понатамошно постапување“, се наведува во извештајот.

Извештајот открива слабости и во пописот на сопствениот имот, но и недостатоци во процесот на пресметка и исплата на платите за вработените.