Комеморативна седница за годишнина од пожарот во Кочани
Со едноминутен молк, по една година од трагедијата во Кочани, парламентот денеска одржа комеморативна седница во чест на загинатите во пожарот.
„Има зборови што плачат и солзи што зборуваат. Солзите на мајките, на родителите и на сите граѓани за Кочани зборуваат погласно од секоја изјава на политичар или институција“, се обрати собранискиот спикер Гаши. Тој беше и единствениот говорник на оваа седница.
Гаши ја поздрави солидарноста и хуманоста на македонските граѓани, се заблагодари на лекарите, Црвениот крст и на сета меѓународна помош во тие моменти.
Во својот говор, собранискиот спикер се обиде да објасни зошто парламентот не одржа комеморативна седница веднаш по настанот, како што вообичаено се случува. Вели дека одлуката била донесена затоа што постоеле обиди од политичари да ја искористат трагедијата за други цели.
Родителите на настраданите, пак, седницата ја оценија како задоцнета. Не беа задоволни и од содржината, бидејќи ниту една од 63-те жртви не беше спомената по име, ниту, пак, поединечно за нив беше кажан по некој збор.
Пратеничката сала не беше целосно исполнета. Иако речиси целата пратеничка група на опозициската СДСМ беше присутна, нејзиниот лидер Филипче не се појави на комеморацијата. Отсуствуваше и најголем дел од пратениците од албанскиот блок. На комеморацијата, пак, како гости присуствуваа премиерот Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Годишнината од најголемата трагедија во историјата на државата ќе се одбележи и од Владата во сабота за кога е највена меѓународна конференција во чест на 63-те загубени животи со панел –дискусии на кои ќе се анализира одговорот на државата по пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“, но ќе се бара и начин како системот да се зајакне во иднина. Во сабота во црквата Св. Ѓорѓи Великомаченик ќе чиноначалствуваат архиепискот охридски и македонски Г.Г. Стефан и владиката Оларион од Брегалничката епархија.
Во недела пак, одбележување во Кочани ќе има здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, а општината главните актвиности ги планира за 16-ти март понеделник. Викендот, во чест на загинатите, ќе се организираат и спортски и културни настани.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
