СДСМ обвинува за енергетска мрежа поврзана со Мицкоски и регионални компании
Бизнис врски, офшор компании и бизнисот со струја во Македонија, опозициската СДСМ денеска обвини дека околу енергетскиот сектор се создава мрежа поврзана со премиерот Христијан Мицкоски и негови блиски партнери.
Според нивните тврдења, приказната почнува од српскиот бизнисмен Душан Адамовиќ, човек кого владата го именуваше за почесен конзул во Србија. Од таму, велат од СДСМ, трагата води кон офшор компанија на Кипар Алтариа Рисрч, која пак се поврзува со српската енергетска групација Руднап, во сопственост на бизнисменот Војин Лазаревиќ.
Од опозицијата велат дека оваа компанија има врски и со министерката за енергетика Сања Божиновска, а паралелно, луѓе блиски до власта се поставуваат на важни позиции во енергетскиот сектор во земјава.
Како пример го посочуваат РЕК Битола, најголемиот производител на струја во Македонија, каде за директор е назначен Иван Куковски, за кого тврдат дека е близок до власта.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека преходно им објасниле на СДСМ кој е Душан Адамовиќ.
-Предлогот за конзул Душан Адамовиќ да биде конзул доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Нема вистина во она што СДС деновиве го пласира за наводни бизнис врски. Повторно го прават истото. Немајќи идеја како да зајакнат на политичката сцена, наместо да исчезнуваат од неа како што е случај сега, тие измислуваат само приказни, соопштија од владејачката партија.
И изминативе денови поставувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул во Србија, како и наводите за поврзаноста во бизнисите со струја поврзани со Владата, беа мета на политички препукувања.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
