Штрајк со глад пред ПС Свети Николе поради исчезнатата сопруга
Светиниколчанецот Дејан Јанков започна штрајк со глад пред полициската станица во градот. На овој потег се решил, бидејќи и после 21 месец од исчезнувањето на неговата сопруга, нема ниту трага, ниту глас. Јанков бара институциите повторно активно да го истражуваат случајот и да дадат одговор што се случило со неговата сопруга.
-Никој ништо не презема, не лоциран телефон, возило е посочено, но не е пронајдено. Нема никаков интерес полицијата да работи на случајот, изјави Дејан Јанков.
Злата Јанкова, тогаш 45 годишна, исчезнува на 16 јуни 2024-та година, кога со сопругот Дејан биле на нивниот земјоделски имот во село Орел. По ручекот решила сама да се врати дома во Свети Николе, но никогаш не стигнала, а телефонот и бил недостапен. По пријавувањето полицијата пребарувала поширока област околу селото и патот до градот.
Биле користени дронови и теренски екипи, а биле вклучени и волонтери. Меѓутоа и после интензивната претрага не е пронајден ниту личен предмет, ниту конкретна трага. Сега Јанков со штрајк со глад повторно бара истрагата да продолжи.
-Барам да се почне со работа и да се бара мојата сопруга Злата Јанкова, додаде Јанков.
Случајот со Злата Јанкова и понатаму се води како исчезнато лице, без официјално објаснување што се случило.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
