Македонија
17. March 2026 - 16:39

Царината поднесе кривични пријави против 9 лица: Дозволиле увоз на „Мерцедес-Мајбах“ со фалсификувани документи

Кривични пријави против 9 лица, меѓу кои царински и полициски службеници, поднесе Царинската управа. Со фалсификувани документи, за да се платат помали давачи, дозволиле увоз на луксузно возило „Мерцедес Мајбах С580“, произведен во 2021-та, со што го оштетиле буџетот за скоро 2 милиони денари, или 30,9 илјди евра. 

 - По спроведена опсежна истрага и форензичко вештачење на уреди, до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против две правни и седум физички лица за фалсификување исправа, фалсификување службена исправа, злоупотреба на службена положба и овластување, како и несовесно работење во службата, се наведува во соопштението од Царинската управа. 

Првоосомничениот, во случајот увозникот, возилото го набавил во Германија. По влезот во земјавата се упатил кон царинскиот терминал за царинење. Царинскиот застапник, управител на шпедиција, сега второсомничен, со умисла да бидат наплатени помали увозни давачки, изготвил фалсифкувана фактура со пониска вредност и фалсификуван доказ за потекло, со цел да се обезбеди преференцијален третман,односно царината да биде ослободена од плаќање. 

- Потоа ги лажирал и останатите документи при што во делот на регистарски таблички ги внел оние што биле во важност пред увозникот да го купи возилото во Германија, а податоците за увозникот ги изменил со други. При увозно царинење на возилото наместо 3,9 милиони денари, биле наплатени два милиони денари и со посредство на тројца царински и еден полициски службеник, возилото со фалсификувани документи било пуштено во слободен промет и регистрирано.

Царинските службеници опфатени со кривичната пријава, веќе се товарат за слични дела и во други кривични пријави поврзани со увоз на автомобили. Затоа Управата уште лани им врачила отказ. 

За конкретниот случај, царината покрај основниот долг од 1,9 милиони денари наплатаи и 600 илјади денари за камати. 

Додаваат дека од октомври 2024-та до сега имаат поднесено вкупно 51 кривична пријава против 110 правни и 396 физички лица за криминал поврзан со 180 употребувани возила. Го оштетиле  буџетот за 670 илајди евра.