Малолетници и пиротехника без контрола: Потфрлило обезбедувањето во „Пулс“?
Обезбедувањето на дискотеката Пулс имало многу законски обврски, ама не ги спроведувало. Ова произлегува од сведочењето на претседателката на Комората за приватно обезбдување, која објаснувајќи ги должностите на лицата ангажирани за обезбедување, рече дека обезбедувањето кое вечерта било ангажирано во „Пулс“ требало да реагира за присуството на малолетници, а пиротехниката која ја запали дискотеката, претставувала безбедносен ризик.
„Со оглед на фактот дека конкретно во вакви објекти мора да се почитуваат и други закони, на видно место поставени табли кои предупредуваат дека не е дозволено присуство на малолетници, обезбедувањето морало да реагира или во најмала рака да го извести сопственикот на објектот“, рече во судницата Верица Милевска-Стефановска.
Според обвинението, „Пулс“ немала писмен договор со фирмата за обезбедување, не постоел ниту план за кобната ноќ, а лицата кои биле ангажирани не биле видно обележани дека работат на обезбедување на настанот.
По предлог на обвинителството, денеска сведочеше и вработена во Дирекцијата за заштита и спасување од секторот за превенција. Објасни дека за објект во изградба или негова реконструкција, инвеститорот е должен да достави програма за заштита и спасување која треба да ја одобри ДЗС. Претходно, од Кочанското одделение, вработените во дирекцијата рекоа дека до нив никогаш не пристигнал предмет за дискотеката „Пулс“. Таа откри и дека има недостиг од вработени во секторот со кој раководи..
„Во рамки на Секторот за превенција, планирање и развој во ДЗС, функционираат пет одделенија со систематизација од 31 работно место, од кои во моментов исполнети се само девет“, изјави Тимовска.
Судењето за пожарот во кој загинаа 63 лица, продолжува во четврток.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
