Македонија
18. March 2026 - 16:37

Заврши процесот на евакуација на македонските државјани од Блискиот Исток

Во услови на растечка неизвесност и безбедносни закани на Блискиот исток – Македонија ја заврши евакуацијата на своите државјани. По неколку денови интензивни операции, над 600 лица се вратени дома, а со вчерашниот лет се заокружи оваа комплексна мисија.

Со авионот на Флај Дубаи на скопскиот аеродром безбедно слетаа 147 патници, најголемиот дел од нив 119 беа македонски државјани – останатите странци. Сите задоволни што се дома и далеку од експлозивите и проектилите што го шараа небото над Дубаи.

Овој лет што го организираше МНР петтиот и последен бидејќи сите нашинци кои побарале да си дојдат дома откако почна воениот конфликт меѓу Иран, Израел и САД, веќе се на македонско тло.

-Со последниот, петти лет што вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје државата покажа подготвеност навремено да реагира во кризни ситуации, да ја заштити безбедноста на македонските граѓани, но и да покаже солидарност кон граѓани од пријателските земји од регионот и пошироко. Станува збор за организирани чартер летови, при што сите трошоци за нивната реализација се на товар на државата. Со реализацијата на овие летови, вкупниот број евакуирани македонски државјани достигна 605, велат од македонското МНР.

Хронологијата на спасувачакта акција почна веднаш откако САД го зададе првиот удар кон Иран на 28 февруари. Оттогаш, македонското МНР организираше три лета од Обединетите Арапски Емирати и по еден од Шарм ел Шеик и Ријад за да си ги прибере своите граѓани од кризните подрачја.

Паралелно со евакуцијата, Македонија јасно го трасираше и својот политички правец. Уште во првите моменти по ескалацијата, шефот на дипломатијата јасно ја потврди својата поддршка за американските сојузници. Муцунски уште истиот ден на нападот на Икс напиша дека земјата стои рамо до рамо со стратешките партнери во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток.