Муслимани на Блискиот Исток го слават Бајрам под строги рестрикции и воени тензии
Илјадници верници утрово се собраа во големата џамија во Мека, Саудиска Арабија за да го одбележат крајот на светиот месец Рамазан. Голем број муслимани овој празник го поминуваат со рестрикции поради војната меѓу САД, Израел и Иран.
Муслиманските верници се молеа на улиците пред комплексот Ал-Акса одбележувајќи го првиот ден од Рамазан Бајрам, додека пристапот до џамијата, позната кај Евреите и како Храмовата Гора, останува ограничен во екот на американско-израелскиот конфликт со Иран. Затворањето на комплексот започна во втората недела од Рамазан, кога десетици илјади палестински муслимани вообичаено би се молеле секоја ноќ и во петок во џамијата, која се смета за третото најсвето место во Исламот.
„Навикнати сме да се молиме во џамијата Ал-Акса за Бајрам, таму да ја извршуваме бајрамската молитва, но поради затворањето на Ал-Акса, јас и моите деца дојдовме овде со поглед кон неа, за да го доживееме празничниот амбиент на Ал-Акса. Бајрам без Ал-Акса не е комплетен празник.“
Палестинците се собраа на плоштадот Сараја во градот Газа за да присуствуваат на молитвите за Рамазан Бајрам.
„Оваа година е поинаква од претходните. Оваа година, благодарение на Семоќниот Бог, сме на плоштадот Сараја и ја извршуваме бајрамската молитва на отворено. Ние сме луѓе кои го сакаат животот. Денес, децата, жените, постарите и сите луѓе од Газа се собраа да се молат на отворено на плоштадот Сараја; ова е голем успех за народот на Газа — тоа што сме трпеливи, непоколебливи и задоволни со сè. Радоста е неопислива, бевме лишени од ова две години“.
Тензиите на Блискиот Исток продолжуваат со засилено темпо. Иран во неколку бранови го нападна северот на Израел со балистички ракети, додека израелските авиони го нападнаа Техеран со бомби. Во напад со дронови погодена е кувајтската рафинерија „Мина ал-Ахмади“. Саудиска Арабија предупредува дека цената на нафтата ќе надмине 180 долари за барел доколку продолжат судирите на Блискиот Исток.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека на САД им се потребни повеќе средства од „многу причини“ во екот на војната со Иран, кога беше прашан за медиумскиот извештај дека Пентагон бара 200 милијарди долари за конфликтот.
„Тоа е мала цена што треба да се плати за да се осигураме дека ќе останеме на самиот врв“, им рече Трамп на новинарите при средбата во Белата куќа со јапонската премиерка Санае Такаичи.
Лидерите на Европската Унија на состанок во Брисел повикаа на повторно отворање на Ормуската Теснина и прекин на нападите врз енергетската и водоводната инфраструктура на Блискиот Исток.
Во заедничката изјава на Европскиот совет се нагласува потребата од „деескалација и максимална воздржаност“, како и стабилизирање на снабдувањето со енергија. Лидерите изразија загриженост за цивилните жртви и економските последици од конфликтот.
ЕУ, исто така, го повика Иран да ги прекине нападите врз соседните земји и се заложи за засилена меѓународна соработка со цел да се спречат нови бегалски кризи.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
