Македонија
20. March 2026 - 16:33

Приведен директор на испекторат за земјоделство за примање поткуп

Директор на инспекторатот за земјоделство е приведен под сомнение за примање поткуп од 50 илјади евра, откако според неофицијални информации бил фатен во коруптивна шема. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое заедно со полицијата ја спровеле акцијата потврдија дека постои основано сомнение дека се направени кривични дела од коруптивна природа.

Последното апсење предизвика и нови партиски обвинувања. За СДСМ акцијата не е изненадување, туку доказ за корумпираните шеми на власта.

ВМРО ДПМНЕ ја поздравија акцијата велејќи дека секој што се огрешил треба да одговара без разлика на партиската припадност. Според нив ова е порака до сите кои се огрешиле пред законот, дека одговорност мора да има.

Од Социјалистичката партија на Македонија повикуваат институциите да постапуваат според закон. Реагираат за нападното партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинсво.

-Социјалистичката партија на Македонија ги повикува надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги превземаат сите активности во разоткривањето на било кој случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност. Почитувањето и примената на законот исклучува селективност или пристрасност и обезбедува праведност, велат од СПМ.