Македонија
20. March 2026 - 16:33

Честит Рамазан Бајрам

Верниците денеска го слават Рамазан Бајрам – еден од најсветлите столбови на исламот. Со утринскиот намаз заврши строгиот едномесечен пост, отворајќи го патот за тридневна радост, простување и заедништво. Од џамиите до семејните домови, пораките за мир и духовно прочистување се во центарот на денешното празнување.

По утринската молитва, верниците ги посетуваат гробиштата на своите роднини, a потоа  празничната атмосфера продолжува во кругот на семејството и пријателите.

По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

Со честитки за Бајрам и целиот државен врв.

„Во време кога човештвото се соочува со сериозни конфликти, војни, кризи, климатски промени и кога насушно ни се потребни мир и стабилност, само со сплотеност, почитување и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина. Благословен и честит нека е празникот Рамазан бајрам “, порача претседателката Силјановска Давкова.

„Како народ, отсекогаш сме знаеле да стоиме еден покрај друг во најважните моменти. Токму затоа, денес повеќе од кога било, потребно е да го негуваме соживотот, да градиме доверба и да вложуваме во заедничка иднина исполнета со мир, стабилност и просперитет за сите граѓани“, порача премиерот Мицкоски.

За празникот собранискиот спикер Гаши порача: „По еден месец посветеност, размислување и жртва, Рамазан нè потсети на вредностите на трпението, понизноста и солидарноста. Со желба вашиот пост, молитвите, добрите дела и обожувањето да бидат прифатени, да продолжиме да ги негуваме добрината, почитта и соработката во нашето секојдневие.  

„Рамазан Бајрам е празник кога се слави хуманоста, кога се зацврстува меѓусебната почит и разбирање, кога најсилно се чувствува вредноста на заедништвото“, порача и опозицискиот лидер Венко Филипче.

Честитки испратија и останатите лидери на политички партии, министрите и функционери.

Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани.