„Зелникот на баба“, вкусот на традицијата по 12-ти пат во Пробиштип
Во духот на традицијата, мирисот на домашно месено тесто и вкусовите што потсетуваат на детството и годинава на манифестацијата „Зелникот на баба“ во Пробиштип се собраа десетици домаќинки, љубители на македонската кујна и посетители од целата земја и соседството.
Манифестацијата, која со години прераснува во препознатлив гастрономски белег, има за цел да ја зачува автентичната рецептура на зелникот, едно од најкарактеристичните традиционални јадења.
Учесничките, најчесто повозрасни жени, но сè почесто и млади домаќинки, ги презентираа своите вештини во подготовка на зелник со различни филови.
-Ние денеска настапивме со зелник со печени кори, со праз, сушени кори со праз, плесиран зелник со праз. Имавме и мрсно „орчкурпиле“ со урда, бритва, лобода, изјави Весна Петрова, учесничка од Лесново.
-Секоја година доаѓаме, пет жени и се договармае која што да прави. Обично правиме со праз и ореви, повеќе посно и сикањето е важно, домашно сукано, изјави Николина Гошева, учесничка од Ѕвегор, Делчевско.
Според организаторите, интересот за „Зелникот на баба“ расте од година во година, а настанот не е само натпревар, туку и можност за пренесување на знаењето од генерација на генерација.
-Со оваа манифестација сакаме да ја задржеме традицијата и на помладите да им ја пренесеме, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
-По завршување на манифестацијата ќе прејдеме на тоа, да си ја брендираме, да си ја заштитиме, која е единствена, уникатна во Македонија, единствена од ваков вид, а токму за та зборува оваа голема посетеност, изјави Раде Илиевски, ЛС – Пробиштип.
„Зелникот на баба“ останува симбол на домашната кујна, но и доказ дека старите вредности и рецепти сè уште живеат меѓу луѓето, пренесувајќи топлина, заедништво и љубов кон традицијата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
