Македонија
21. March 2026 - 16:32

СЗДМ - сензори за сите лица со дијабет тип 1, вложувања во превенција и рана детекција

Што ќе ни е сензор доколку кај некој од нас дојде до губење на видот, бубрег или ампутација на нога? Ова прашање постојано го поставуваат лицата со дијабет во нивната борба сите со ТИП 1 кои се на инсулин да добијат сензори за да спречат компликации.

Но реалноста во Македонија се уште е далеку од европските  и светски норми и ова помагало засега го добиваат само 15 проценти од оние на кои им е потребен.

-Имаме околу 3500-4000 лица со тип 1 на инсулин, за жал немаме точен регистар на луѓе со дијабет во земјата и се премногу малку сензори што се добиваат. Затоа е и оваа конференција да го кренеме гласот, да ги отвориме очите на оние што можат да влијаат да добиеме што повеќе сензори затоа што со тоа ќе ни се олесни животот, вели Јовица Симоновски, координатор за информации во Сојузот на здруженија на лица со дијабет во Македонија.   

Сензорот како помагало е неопходен за менаџирање на гликемијата и затоа им помага на лицата со дијабет да не дојде до компликации на здравствената состојба.

-Спречување падови на шеќер, спречување на хипер и хипо гликемија и со тоа го подобруваме нашето здравје. Доколку носам сензор утре нема да имаат кардиоваскуларни компликации, може да се спречи дијабетично стапало или некое друго заболување..Дополнително ќе си го олеснам животот и ќе го заштедам буџетот на државата, вели Симоновски.

Сензорите не се единствениот проблем на лицата со дијабет. Од Сојузот за време на одбележувањето на нивното 25 годишно постоење, повторно алармираа дека има недостиг на глукомери и ленти и дека тоа се повторува речиси на секои две години.

Очекуваат и бараат од здравствените власти не само решавање на овие проблеми туку и следење на европските трендови во третманот на лицата со дијабет.